Рубрика: Психологија
Простувањето го чува здравјето
Автор: Калина С. Андонова
Објавено на 26.07.2018 - 11:30

Ако научите да си простувате себеси и на другите, ќе го подобрите вашето психичко и физичко здравје, тврдат психолози од Харвард. Во спротивно, фрустрациите што носат лутина го зголемуваат стресот, крвниот притисок и доведуваат до тешки болести како што се карцином, срцев и мозочен удар.

Простувањето има благотворно дејство на психичкото здравје, бидејќи долгорочно го елиминира чувството на страв, тегоба и огорченост. Воедно, му отвора пат на успехот на сите полиња. Да си простиш, пред сè себеси, за направените грешки е неопходно заради воспоставување животната рамнотежа.

Кругот на горчина и лутина кон самиот себе мора да се раскине, со прифаќање на фактите дека случувањата од минатото не може да се сменат. Наместо самосожалување, треба да одиме напред, но притоа треба да бидеме свесни дека истите грешки не смеат да се повторат. Грешките треба да се сфатат како начин за стекнување животно искуство. Со деструктивни емоции, може да се случи да создадеме нови негативни ситуации бидејќи со постојаното обвинување на другите за нанесените неправди, не е можно да се оддалечиме од минатото и да тргнеме напред, велат психолозите.

Со потенцирање на омразата и огорченоста се губи многу енергија, што доведува до стрес, депресија, и опсесивно однесување. Во таква состојба трпат односите и дома, и на училиште и на работа. Кога сме такви, се дружиме со личности слични на нас, што доведува до уште поголемо пропаѓање и несреќа, наместо да ни биде подобро.

Имајќи го сето ова предвид, треба да тргнеме најнапред со помали и поситни простувања. Тоа ќе овозможи полесно да ги поднесеме секојдневните нешта кои нè нервираат и ни го загорчуваат животот. Исто така треба да се ослободиме и од ирационалните очекувања и мислења и да ја насочиме сета енергија во позитивни нешта.

Кога ќе се налутите, обидете се да разберете и да ја најдете причината за таквата постапка, на вашите родители, брат или сестра, другарот или пријателот. Дури и ако не можете да најдете соодветен одговор на прашањето зошто, обидете се да простите. И никогаш не заборавајте дека пријателството и другарството се базираат на толеранција и дека таа треба да се негува. Тој рецепет постојано нè следи низ животот – од деца до возрасни!

Клучни зборови: