Рубрика: Географија
Езеро на скаменетите птици
Автори: Калина С. Андонова, Невенка Стојановска
Објавено на 25.07.2018 - 11:15

Дел од ефектните фотографии на Ник Бранд

Според Данте Алигиери, Стикс не е само река, туку пространа смртоносна бара што го исполнува целиот петти круг од пеколот. Оние што го посетиле езерото Натрон во северна Танзанија велат дека тоа би можело да послужи како добар пример за визуелизација на Дантеовиот пекол.

Водата во езерото има pH вредност до 10,5, што значи дека езерото претставува базен раствор којшто е толку јак што може да ја запали кожата и очите на животните што не се приспособени на него. Алкалноста на водата доаѓа од натриум карбонатите, но и од други минерали коишто се слеваат во езерото од околните ридови. Натриум карбонатот некогаш се користел и во процесот на мумификација во стар Египет. Така, не зачудува што тој подеднакво добро дејствува за очувување на остатоците од животните што умреле во водите на езерото Натрон. Но, иако некои медиуми известуваат дека животните се скаменуваат и умираат во допир со водата, тоа не е точно. Езерото има богат мочуриштен екосистем, привлекувајќи фламинга и други барски птици кои опстануваат со јадење на риби и алги.

За време на сезоната на парење, езерото е дом на над 2 милиони фламинга од видот Phoenicopterus minor. Езерото Натрон е едно од двете алкални езера во регионот на Источна Африка. Другото езеро е езерото Бахи. Обете езера се терминални, без истеци коишто би се влевале во некоја река или море. Езерата се полнат од низа топли извори и помали реки. Поради плитките води и топлата клима, водата во езерата достигнува температура до 41°C.

Фотографот Ник Бранд (Nick Brandt) одлучил да го искористи овој редок природен феномен при неговиот престој во источна Африка, кога снимал спот за песната Earth Song. Тој направил серија сенишни слики од езерото со повеќе скаменети суштества. Фотографиите се објавени во неговата книга “Низ испустената земја” ("Across the Ravaged Land"). Скаменетите примероци од птици и лилјаци на фотографиите, Бренд ги наоѓал на работ од езерото, исфрлени од езерската вода на брегот од Натрон. Не е сигурно како умреле, но позициите во коишто тие се сликани на фотографиите се наместени од самиот фотограф. Притоа, тој некои од калцифицираните птици дури и ги извлекол од езерото и со нив направил одлични поставки додавајќи гранки, камења и друго.

Клучни зборови:
Дел од ефектните фотографии на Ник Бранд

Дел од ефектните фотографии на Ник Бранд

Бреговите на езерото Натрон

Бреговите на езерото Натрон

Дел од ефектните фотографии на Ник Бранд

Дел од ефектните фотографии на Ник Бранд

Дел од ефектните фотографии на Ник Бранд

Дел од ефектните фотографии на Ник Бранд

Фламингата ја користат топлата клима за подигање на младите

Фламингата ја користат топлата клима за подигање на младите

Фламингата ја користат топлата клима за подигање на младите

Фламингата ја користат топлата клима за подигање на младите