Развиен е од германскиот гигант “Сименс” (Siemens), во 1995 година. Тоа е, всушност, електронски систем којшто овозможува пристап и користење на автомобилот на овластени лица. Првпат е применет во возилата на “Мерцедес Бенц” во 1997 година. За што се работи?
Грубо кажано, се работи за приврзок во којшто е вградена електроника за радиоуправување со безбедносните системи на автомобилот, т.е. пристапот до него и стартувањето на моторот. Клучот преку радиобранови комуницира со кодирани сигнали (секако шифрирани), при што безбедносните системи на автомобилот кои се задолжени за пристап на возачот до него, го препознаваат сигналот што го испраќа интелигентниот клуч и дозволуваат да се отвори (отклучи) влезната врата (или која било друга врата) на автомобилот. Потоа, кога возачот ќе седне на возачкото седиште и ќе се врзи со безбедносниот појас, системот за стартување на моторот го препознава возачот (преку интелигентниот клуч) и со само едно притискање на тастерот (START/STOP) моторот стартува и автомобилот е подготвен за возење (види слика 1). На крајот од возењето, со само едно притискање на копчето се исклучува моторот.
Во зависност од расположливите опции, во софтверот на паметниот клуч можат да бидат меморирани и разни други кориснички поставки, параметри и нагодувања кои се специфични само за тој возач, како што се оддалеченоста на седиштето, наклонот на седиштето, положбата на ретровизорите, положбата на воланот, параметрите на климатизацијата, мемориите на радиото и други поставки. Со еден збор, користењето на автомобилот претставува вистинско задоволство. Безбедноста и неовластениот пристап до автомобилот се речиси невозможни.