Сигурно ви се случило кога кочите со вашето возило, понекогаш тоа неконтролирано сака да се занесе на лево или десно или да се заврти околу себе, па со вртење на воланот се обидувате да ја доведете траекторијата на возење во ред. Е сега, замислете дека токму овој феномен на занесување на автомобилот намерно се прави за тој да се доведе на исправната траекторија при возењето доколку неговото движење застрани во непосакуван правец. Е тој безбедносен феномен се нарекува електронска контрола на стабилноста (ESC), која во многу развиени земји е основна стандардна опрема на новите автомобили произведени по 2011 година. Во суштина, ESC е продолжување на размислувањето и начинот на делување на ABS системите за кочење, или негова надградена верзија. ABS и ESC одат во пакет. Но, за што се работи и како тоа функционира?
Ако системот детектира занесување на автомобилот, тогаш со контролирано сопирање (кочење) на некои од тркалата го занесува автомобилот во обратна насока, и така го враќа на вистинската траекторија. Ова е суштината на интервенцијата. Кога некои од тркалата намерно ги сопираме, тогаш од инерцијалната сила на автомобилот којашто делува во неговото тежиште (а тоа е, грубо речено, на средината од автомобилот), изникнува момент околу точката на допир на тркалото што се кочи со подлогата и возилото се занесува на страната на делување на тој момент. Тоа го нарекуваме исправување на автомобилот. А како системот детектира застранување од траекторијата на движењето? Едноставно, преку положбата на предните тркала во однос на завртувањето лево-десно (значи преку положбата на воланот), потоа преку разликата во вртењето на предните и задните тркала, како и левите и десните тркала (сензори на тркалата) и преку сензорот кој детектира завртување (ротација) на автомобилот околу напречната и надолжната (ова поретко) негова оска. Сите овие податоци “паметниот” софтвер за многу кратко време ги обработува, “донесува” одлука кое тркало за колку да го сопре (или ако е веќе сопрено, за колку да го релаксира), потоа воланот на која страна да се заврти и тоа го прави во реално време. Со еден збор: совршенство.
ESC е моќна алатка во рацете на еден просечен возач на автомобил, која многу му помага во избегнувањето на непријатни ситуации и сообраќајни несреќи. Но секако, не е семоќна алатка и не гарантира избегнување на несреќа. Затоа, ESC мора да се разбере само како помош во возењето, а никако како гаранција за спречување на сообраќајна несреќа. Сепак, внимателното и прописното возење услов без којшто не се може и е единствена гаранција за безбедно возење.