Рубрика: Автомобилска техника
20 клучни иновации кај автомобилот: 13. Хибридни погони
Автор: Томе Скендеровски
Објавено на 12.07.2018 - 11:00

На крајот на дваесеттиот век се појави првото хибридно возило “Тојота приус” (1998 година). На почетокот, тоа некако сомничаво беше примено од потрошувачите, но денеска е задолжителна понудата на барем едно хибридно возило од некој респективен производител на автомобили. Под хибрид подразбираме “вкрстување” на енергенсите со коишто се погонува возилото. Практично, тоа значи дека хибридниот автомобил може комбинирано да вози, на пример, на фосилно гориво и струја. Но, тоа не е вистината за хибридното возило, оти тоа би се нарекувало би-фуел автомобил. Вистината во нашиов случај е во тоа што со вешта комбинација на двата погона (мотор СВС и електрична енергија) се добива исклучително мала потрошувачка на горивото на носечкиот погон, а тоа е моторот СВС, т.е. за поминати 100 километри би се потрошила фантастично мала количина бензин од, на пример, 2,5 или 3 литри. Каде лежи клучот?

Клучот лежи во елиминирањето на делумното оптоварување на бензинскиот мотор (мотор СВС) и негово впрегнување да работи под максимално оптоварување, при што тој режим е најштедлив за моторот. Тука лежи клучот на малата потрошувачка. И сега прикаската се развива понатаму. Моторот СВС не е директен погон за тркалата, туку единствено се користи за електричниот генератор да произведува струја. Тоа значи дека имаме стационарен режим на работа (многу поволна и економична опција), и со оглед на тоа што моторот не мора да совладува и инерцијални сили од забрзувањето на автомобилот, тој може да е со скромни излезни сили, доволни токму само за производството на струја и ништо повеќе. Значи, доволно е само мало моторче кое ќе работи под полно оптоварување. Ете го клучот за малата потрошувачка. Останатото го прави произведената струја. Таа директно го погонува електромоторот. Ако има шпиц на оптоварување зема дополнителна струја од батериите, а ако работи под мало оптоварување, вишокот произведена струја се пренасочува кон батериите, т.е. тие се полнат. За кратки градски релации се користи исклучиво струја што потекнува од дистрибутивната мрежа преку којашто ноќно време се полнат батериите.

Во кратки црти, тоа е тоа. Совршенство изведено со многу памет и врвна технологија. Со право оваа иновација е сместена меѓу најголемите иновации кои се најзаслужни за намалување на загадувањето од автомобилите во светски рамки.

Клучни зборови:
Денес легендарниот модел на Тојота приус

Слика 1: Денес легендарниот модел на Тојота приус од 1998 година