Рубрика: Електротехника
На Матка, одбележан Денот на Тесла
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 11.07.2018 - 19:00

По повод 162 години од раѓањето на таткото на наизменичната струја, Никола Тесла, вчера, во изложбениот центар Матка, беше организиран едукативен настан на којшто присуствуваа повеќе од 150 деца на возраст од 5 до 15 години. Сите што сакаа да учествуваат во настанот, во претходните недели имаа можност да се пријават.

Настанот беше расчленет на повеќе сегменти, соодветни за возраста на учесниците. Најнапред, сите имаа прилика да уживаат во изведбата на Театарот за деца и младинци, на претставата “Гига Мега Бајка”. Потоа за постарите, на возраст од 12 до 15 години, беше организирана креативна работилница за пишување, на тема “Приказни за електрицитетот”. Тие, исто така, беа во можност да го следат предавањето на проф. Филип Парталовски “Mоќта на електрицитетот”, како и да ја изгледаат проекцијата на документарниот филм “Тесла ја искористи моќта на Нијагарините водопади”. Децата на возраст од 6 и повеќе години имаа своја креативна уметничка работилница на тема “Никола Тесла и електричната енергија”. За најмладите учесници, исто така беше организирана и изработка на модели од ЛЕГО делови. За нешто постарите беше организирана демонстрација на неколку стандардни експерименти од областа на енергетиката и електрониката – бежичен пренос на енергија, високофреквентна наизменична струја, радиопренос.

 “Денот на Тесла е само пример за тоа како преку современи и интерактивни образовни методи, светот на енергијата и иновациите можат да се приближат до најмладите“, велат од ЕВН Македонија.

Учеството на едукативниот настан беше бесплатно, а од страна на ЕВН Македонија беше организиран бесплатен превоз до Изложбениот центар Матка. Дел од “Денот на Тесла” беа и децата од СОС Детско село, а учествуваа и деца од градинките “Сумнал” и “Грин хаус” од Скопје.

Изложбениот центар Матка е единствен едукативен центар во Македонија што се занимава со енергетски теми. Богатата историја на Матка која вреди да се раскажува на идните генерации, како и потребата за СТЕМ едукација беа главните причини поради коишто ЕВН го создаде Изложбениот центар Матка. Во него посетителите, преку современи интерактивни методи, можат да научат повеќе за електричната енергија, нејзината историја, производството, преносот и користењето.

Едукативните содржини се поставени во историскиот објект на старата хидроцентрала Матка, каде што гостите имаат уникатна можност одблиску да видат енергетски објект стар 80 години што сè уште може да биде во функција. Центарот работи секој ден, освен понеделник, од 10 до 15 часот и во него има околу 30 интерактивни експонати и специјализирани водичи за тури на македонски, албански и на англиски јазик. Досега, Матка ја посетиле над 10 000 посетители.

Клучни зборови: