Рубрика: Телекомуникации
Радио-клубот “Никола Тесла” со ново раководство и планови за активности
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 09.07.2018 - 12:30

Минатата недела во големата сала на Собранието на општината Штип, се одржа вонредното собрание на Радио-клубот “Никола Тесла“ – Штип. Присутни беа четириесетина членови на клубот и гости, а Вонредното Собрание го водеше тим на адвокати, со цел протоколот и преземаните активности на собранието да бидат согласно законот.

 

Во свечена атмосфера, беше изгласано ново раководство. За претседател е избран Ванчо Инџекаров, дипломиран електроинженер и успешен менаџер во неколку државни фирми. Тој и порано, до пред петнаесетина години, беше на чело на клубот, во времето кога клубот ги постигнуваше најдобрите резултати.

Беа избрани и членови на извршниот одбор, во кој се најдоа членови од клубот коишто во минатото постигнале значајни резултати во областа на радиоаматерството и коишто се веќе докажани како помагатели и организатори на голем дел од активностите на клубот.

На вонредното собрание е избран и надзорен одбор, којшто будно ќе ја следи работата на извршниот одбор.

Новото раководство на радио клубот Никола Тесла од Штип во наредниот период ќе биде фокусирано на унапредување на радиоаматерството во целина.  Планирано е конкурирање кај сите релевантни институции за  помош при реализацијата на соодветни програми за ширење на радиотехничката култура и електрониката меѓу младите. Раководството најави дека ќе работи и на унапредување на соработката со други клубови и здруженија коишто имаат слични цели , како и дека ќе се заложи за поголема транспарентност на работата на Народна техника.

Во оваа насока, како една од првите одлуки на новото раководство е најавена Одлуката за електронска трансакциска сметка, којашто ќе биде видлива за сите членови на извршниот одбор на клубот. На овој начин би се елиминирала финансиската злоупотреба во клубот. Најавено е и преземање поголеми напори за зголемување на членството, развој на сите радиоаматерски дисциплини, како што се радиооператортство, радиоконструкторство, аматерска радиогониометријата...

Од Радио-клубот “Никола Тесла” доаѓаат и најави за продолжување со организација на курсевите за радиотехника и електроника за млади (ученици од основните училишта) од септември.

 

 

Комплетното ново раководство на клубот:

Извршен одбор:

• Томислав Донев, член на клубот од 1982 година, со положена радиоаматерска-операторска “Ц“-класа. Добитник e на Признание-Плакета од Радио клубот во 1995 година, на сребрен медал за второ место во Државен натпревар по АРГ (80м) на 24 Собир на радиоаматерите во 1989 година, како и на Пофалница (1987 година) за значаен придонес во ширењето на радиоаматеризмот;

• Игор Дериволов е член на клубот од 1996 година и неколку пати до сега бил член на раководството на клубот и учествувал во тимот на клубот на речиси сите меѓународни натпревари на кои се постигнувале светски резултати;

• Зоран Димитров е член на клубот од 1994 година и има освоено неколку први места на Државни натпревари во АРГ, радиоконструкторство, а бил и дел од тимовите на клубот кои неколку пати ја освојуваа титулата светски шампион во RTTY;

• Горан Куковалиев, член на клубот од 1994 година. Има освоено неколку први места во натпревари на Собири на радиоаматерите на Македонија;

• Дени Чавдаров, член на клубот од 1982 година. Чавдаров има особен допринос во радиоконструкторската секција на клубот која постоеше до пред дваесетина години, во рамките на која конструирал неколку радиостаници, предаватели, приемници и антени;

• д-р Озрен Спасков, член на клубот од 1987 година. Спасков учествувал на речиси сите натпревари кои ги организирал клубот, но и самостојно. Притоа има освоено повеќе први и втори места во светот и несебично, материјално и финансиски, го помагал клубот. Беше член и во претходниот извршен одбор на Радио-клубот;

• Миле Кокотов, член на клубот од 1977 година, магистер по технички науки и актуелен претседател на Радиоаматерскиот сојуз на Македонија. Неколку пати финансиски и материјално го помагал клубот и ги има положено сите радиоператорски и радиоконструкторски класи. И порано, но и сега, од пред неколку месеци, го организира и го води курсот за радиотехника и електроника за младите членови на клубот;

• проф. д-р Ристо Поповски, член на клубот од 1976 година, доктор по технички науки. Дал огромен придонес на клубот, особено на радиоконструкторската секција и во обука на младите членови;

 

Надзорен одбор:

• Зоран Крстевски, член на клубот од 1977 година, со положени радиоаматерски класи за радиооператор и радиоконструктор. Пред триесетина година особено активен бил во радиоператорската и радиоконструкторската секција во клубот, а потоа, благодарејќи на радиоаматеризмот, професионално се определува за професија поврзана со радио-техниката и електрониката;

• Зоран Милев, член на клубот од 1979 година, кој учествувал на повеќе радиоаматерски натпревари. Има два светски рекорди, во 2002 година од островот Бошчада-Азија и 2008 година од Тунис. Интересно е што еден од неговите свертски рекорди сè уште не е надминат. Покрај тоа, во 1984 година освои 2 место во АРГ на државно првенство во Охрид. Во минатото бил член на Извршниот одбор на Радио-клубот во два мандати. Неколку пати бил член на меѓународниот тим во радиоаматерски натпревари (од прочуена локација во Црна Гора) со освоени две први места во светот и еден европски рекорд;

• Мишел Пешчеров e долгогодишен радиоаматерски активист. Членувал во повеќе радио клубови во СФРЈ, а станува официјален член на Радио-клубот “Никола Тесла” во февруари 2018 година.

Клучни зборови: