Минатиот петок, на 15 јуни оваа година, точно 3 месеци по смртта на големиот британски физичар Стивен Хокинг (Stephen Hawking), беше одржана комеморативна церемонија во лондонската опатија Вестминистер, на која присуствувале повеќе од 1000 луѓе – негови роднини, пријатели и колеги од научната заедница и космонаути. Притоа, неговата урна со пепелта, според претходно планираното, беше поставена помеѓу посмртните остатоци на двајцата британски научни великани, Исак Њутн (Isaac Newton) и Чарлс Дарвин (Charles Darwin). Врз урната беше поставена надгробна спомен-плоча, на која според желбата на покојникот е врежана неговата формула којашто ја покажува ентропијата на црните дупки, всушност, неговата главна научна преокупација.
Збогувањето беше дополнето и со изведба на пригодна композиција од познатиот грчки композитор Вангелис, во која беше вградена и аудиоснимка од гласот на Хокинг. Оваа снимка беше симболично емитувана во космосот, во насока кон најблиската црна дупка, оддалечена околу 3000 светлосни години од нас, во бинарниот состав 1А0620-00 од соѕвездието Еднорог.
Нека му е вечна слава!