Дрекслмајер продолжува со својата пратика и повторно поддржа дел од најдобрите студенти од техничките факултети при Универзитетите “Св. Климент Охридски“ – Битола, “Св. Кирил и Методиј“ – Скопје и Универзитетот “Гоце Делчев“ – Штип. Десетмина студенти од техничките факултети кои се четврта година и ги исполнија критериумите, станаа стипендисти на Дрекслмајер.
Стипендијата вклучува месечен паричен надомест за еден семестар како и едномесечна пракса во фабриката Дрекслмајер во Кавадарци. Практичната работа е осмислена од специјалисти инженери на DRÄXLMAIER Group, а секој студент ќе биде дел од тимот на одреден оддел. Стипендистите ќе бидат ангажирани на конкретна проектна задача, а низ креативниот процес ќе ги води ментор – специјалист.
Студентите пројавија огромен интерес за вклучување во стипендиската програма на Дрекслмајер. Избраните стипендисти се студенти кои го запишале осмиот семестар и ги исполнуваат пропишаните критериуми на компанијата. По одржаните интервјуа и тестирања при селективниот процес, беа одбрани најдобрите десетмина кандидати.
„Со нетрпение очекувам да започнам со работа на доделениот проект. Се надевам дека овде во Дрекслмајер ќе научам нешто ново и ќе стекнам почетно искуство во областа на Индустриското инженерство“, рече Наталија Момчиловска Димоска, студентка на Машинскиот факултет, Скопје.
„Ќе имаме месец исполнет со интересни проекти и мотивирани студенти. Чест ми е што сум дел од стипендиската програма на компанијата и што ќе менторирам проектна задача на еден од нашите стипендисти“, истакна Бранкица Аргиева, менаџер во производство во Дрекслмајер.
Од Дрекслмајер велат дека имаат долгорочна стратегија во поддршката и развојот на младите луѓе и оти инвестирањето во образование и знаење е инвестирање во иднината.