Рубрика: Омнибус
Храна на иднината
Автор: Калина С. Андонова
Објавено на 14.06.2018 - 12:00

До 2050 година на нашата планета ќе има уште 2,5 милијарди луѓе. Како ќе се нахранат и со што?! Одговорот што го даваат научните истражувања е алги, инсекти и месо одгледувано во лабораторија. Обединетите нации соопштија дека ќе имаме речиси двојно повеќе луѓе, и за тие да се нахранат ќе мора производството на храна да биде со нови технологии и да се избегне отпад при производството. Иако можеби 2050 изгледа далеку, проблемот на недостаток од храна е присутен и денес. Веќе постојат една милијарда хронично гладни луѓе, има сè помалку необработена земја, климатските промени го прават земјоделието уште потешко, а и вода има сè помалку...

Пред педесет години, кога светската популација изнесувала околу половина од денешната бројка, одговорот на гладот била “зелената револуција” – пораст на придонесите со употреба на хибридни семиња и вештачки ѓубрива. Тоа функционирало, но еколошката цена била мошне висока. Иако производството на храна се зголемило двојно, потрошувачката на вода се зголемила дури за трипати! Така било тогаш, а што носи иднината и какви се предвидувањата?

За повеќе храна ќе мора да се најдат нови начини што ќе овозможат раст на земјоделските култури на места каде досега беше тешко или невозможно да се дојде. Веројатно новите технологии ќе создадат и нов вид земјоделци. Како и да е, исхраната на новите генерации што доаѓаат ќе се базира и ќе зависи од неколку нови извори на храна и нови идеи за нејзино производство.

 

Алги

Алгите се многу битни и денес за човекот, а во иднина ќе бидат многу, многу поважни. Тие ќе бидат важни и за храна и за гориво, а горивото од алги ќе го намали CO2 во атмосферата, според научниците кои се бават со оваа проблематика.

Во наредните години најверојатно ќе се создадат огромни комерцијални фарми на алги. Како што е познато, алгите се едноставни, едноклеточни организми растат многу бргу во морето, во загадена вода и на места на кои не може ништо друго да вирее. Од алгите ќе се прави гориво кое е неопходно за сè, па и за производство на храна. Големите авиокомпании и компаниите за превоз издвојуваат многу средства за да бидат подготвени кога ќе дојде време да се произведуваат огромни количини алги. Многу од средствата се трошат за развој на технологии кои сега се само во зародиш. Научниците велат дека при оптимални услови, комерцијалните фарми на алги ќе може да произведат 46700 – 93500 литри нафта од еден хектар, споредено со само 3270 литри етанол биогориво, кое се добива од пченка посадена на исто толкава површина. Покрај тоа, со алги може да се хранат милиони животни, а алгите можат да се користат и како ѓубриво. Алгите се наоѓаат на дното на синџирот на исхрана, но тие веќе се јадат, на пример, во Јапонија и во Кина, а се користат и за сточна храна и ѓубриво.

 

Вештачко месо

Изгледа како месо, се доживува како месо и е месо, иако никогаш не било дел од некое животно. Вештачкото месо се одгледува од матични клетки во гигантски резервоари.
Научниците велат дека потрагата по замена за месо е критична, бидејќи западните навики за јадење месо сега се шират во Кина и во други земји со брзорастечки економии. Покрај ова постои голем притисок врз владите од страна на земјоделците за ново обработливо земјиште, а одгледувањето на добиток во моментов зафаќа повеќе од половина од сета обработлива земја. Во САД, речиси 70% од произведеното жито и житни култури одат на храна за животни кои се одгледуваат во фарми.

Голем дел од истражувањата за вештачко месо се врши во Европа. За создавање на вештачко месо потребни се и маснотии за месото да има соодветна боја и вкус. Иако матичните клетки за крв и маснотии се идентификувани, процесот на создавање месо од матични клетки е бавен и мошне скап, барем засега. Сепак, студиите покажуваат дека вештачкото месо ќе “победи” бидејќи веројатно во иднина за него ќе се троши помалку вода, енергија, и ќе се ослободи обработлива земја која ќе може да се користи за производство на друг вид храна.

 

Позеленување на пустините

Голем дел од земјата пати од суши и единствена вода во близина е солената вода од океаните и морињата. Значи, решение е технологија која крајбрежјата ќе ги претвори во зелени појаси, како што е тоа случај со Калифорнија, Перу и на Блискиот Исток. Идејата е едноставна и слична на природниот воден циклус – морската вода се загрева со сонцето, испарува, се лади и формира облаци, за потоа да се врати како освежувачки дожд. Е сега, ова замислетего во скалирана верзија. Врелиот пустински воздух навлегува во стаклена градина, каде што се лади со морска вода. Овој влажен воздух ги храни културите што растат во градината, а потоа поминува преку испарувачот. Пареата се кондензира и создадената слатка вода се собира во резервоари. Така се кондензираат големи количини вода, многу повеќе отколку што им е потребно на растенијата во градината.

Проектите со морска вода се поддржани од многу влади. Но, ова е само една од многуте технологии, кои се развиваат за да се овозможи храната да се одгледува на неверојатни места.

 

Инсекти

Скакулци, пајаци, оси, црви, мравки и бубачки денес не се на повеќето од европските или американските менија, но барем 1400 видови се јадат во Африка, Латинска Америка и во Азија. Со зголемувањето на цените на храната во светот, само прашање на време е кога ќе се направат фарми за инсекти и во Европа и Америка. Инсектите се богати со протеини, масти и со висок процент на калциум и железо, а за фарми на инсекти треба мал простор. Еколошки, тие би ги победиле конвенционалните фарми. Исто така, инсектите можат да се одгледуваат со хартија, алги и индустриски отпад, кои нормално би биле фрлени.

Предностите на “микродобитокот” се големи, велат дека ОН и ЕУ се заинтересирани да видат дали одгледувањето инсекти може да се прошири. Холандската Влада веќе проучува како да се изградат вакви фарми. Но, свесни за западниот вкус, тие бараат начин како само да се извлечат корисните состојки од инсектите, особено протеините, калциумот и железото.

Клучни зборови: