Оваа недела официјално се отвори најголемиот и во интернационални рамки најрепрезентативен саем за информатичка технологија CeBit. Саемот секоја година се одржува во изложбениот простор на Саемот во Хановер којшто според површината е најголем изложбен салон во светот.
Уште од своите почетоци во 70-тите години на минатиот век CeBit e еден вид показател за трендовите и насоките на развој во информатиката. Саемот отсекогаш имал повеќе слоеви, освен изложбениот дел вклучува конференциии, дискусии и деловни поврзувања, сево ова поддржано со креативни и уметнички фестивалски елементи.
Оваа година најголемиот деловен продажен саем за информатичка техника прераснува во Европски бизнис фестивал за дигитализација и иновација. Новиот концепт на CeBit ги комбинира докажаниот успех на деловен продажен саем со дигитализацијата во сите сегменти од животот. Од 11 до 15-ти јуни саемот станува зборно место за главните играчи, претпријатијата и двигателите на дигиталната трансформација. Целиот саемски простор е поделен на 4 области: d!conomy, d!tec, d!talk и d!campus.
За присуство на конференцискиот дел и дискусиите секако е потрребен валиден билет, а според почетните учесници од вчера парите за билетот навистина вредат.
Конференцискиот дел вчера го отвори легендата за VR технологија – Џерон Лениер (Jaron Lanier), кој покрај тоа е познат и како еден од најголемите критичари на Интернетот. Лениер е американски научник, информатичар, претприемач, композитор и автор. ВО моментов работи во одделот за развој на Мајкрософт. По него следеше дискусијата Future Work Forum, која се фокусираше на начините за искористување на можностите што ги нуди дигитализацијата од страна на бизнисите, а во центарот на дискусијата се најде и темата за можните губитоци на работни места како и потребата од постојана едукациска надградба на работната сила. Меѓу учесниците во дискусијата беа Кристиане Бенер, втор човек на германската корпорација IG Metall, и Дитер Шпат, претседател на Германската национална академија за наука и техника.
За сите случувања во текот на оваа недела посетете ја официјалната страна на CeBit тука.