Ако сте гледале барем една епизода од серијалот "Древни вонземјани", сигурно знаете за што се работи – низа уметнички дела и архитектонски градби, историски артефакти се толкуваат како знаци дека Земјата во минатото била посетена од вонземјани. И не само тоа, туку вонземјаните во одреден момент го поттикнале развојот на цивилизацијата.
Се разбира, на секоја епизода од серијалот треба да се гледа со здрава доза на скептицизам и хумор, иако некои од артефактите навистина се чини дека укажуваат на вонземско присуство. Но, дали е сè онака како што ни се чини?
Во една од епизодите на популарната серија "Древни вонземјани" е прикажан детаљ од орнаментите од Новата катедралата (Catedrala Nueva) во Саламанка, Шпанија, резбарени во камен. Се работи за фигура која по сите одлики личи на астронаут.
Катедралата во Саламанка
Изградбата на катедралата се одвивала од 1513 година, сè до 1733 година. Од каде тогаш современи фигури во стотици години стариот камен? Дали можеби мајсторите биле вонземјани или патници низ времето? Одговорот, сепак, е многу потривијален.
Лево: Дел од камената резба на катедралата Десно: Современите детали вклопени во старата резба
Со текот на децениите и вековите по изградбата, катедралата претрпела многу оштетувања. Во 1992 се преземаат работи за нејзина реставрација и конзервација. За освежување на деталите во камената резба бил ангажиран уметникот Херонимо Гарсија, кој решил на еден од сегментите да му додаде личен печат. Ова го направил со додавање на две фигури коишто треба да го симболизираат 20. век – споменатата фигура на астронаут и фигура на фаун којшто јаде сладолед во корнет. Значи овие фигури се додадени во 1992 година, што ги отфрла како еден од “клучните” докази за теоријата на "древни вонземјани".
Спорната фигура на астронаутот
Значи, иако е интересно да се изнаоѓаат разно-разни неверојатни значења во древната литература, да се прогласуваат одредени градби за вонземско дело, некои уметнички дела како можни докази за дело на вонземјанин или доказ за посета на вонземјани, вистината е далеку посекојдневна