Според најновиот извештај на Интернационалната енергетска агенција (ИЕА), бројот на електрични и хибридни автомобили на светските патишта надмина 3 милиони во 2017 година, што претставува зголемување од 54%, споредено со 2016 година.
Притоа, Кина е далеку од најголемиот пазар за електрични автомобили во светот, и акумулира половина од вкупно продадените електрични возила минатата година. Во 2017 година во Кина се продадени речиси 580 000 електрични автомобили, што е зголемување од 72% споредено со претходната година. САД имаа втора највисока продажна стапка, со продадени околу 280 000 автомобили во 2017 година, споредено со 160 000 во 2016 година.
Но, нордиските земји остануваат лидери според уделот на електричните возила на пазарот. Имено, електричните автомобили учествуваа со 39% во продажбата на нови автомобили во Норвешка, што е најголем удел во автомобилскиот пазар на една земја. Во Исланд, новите продажби на EВ чинат 12% од вкупниот пазар, додека уделот во Шведска достигнал 6%. Германија и Јапонија забележуваат подеднакво голем раст во продажбата на ЕВ, при што продажбата во двете земји е удвоена споредено со 2016 година.
Електричната мобилност не е ограничена само на автомобилите. Во 2017 година, бројот на електрични автобуси се зголеми на 370 000 од 345 000 во 2016 година, а бројот на електрични возила на две тркала достигна 250 милиони. Електрификацијата на овој вид транспортни средства речиси целосно ја предводи Кина, на која отпаѓаат 99% од електричните автобуси и возила на две тркала, иако продажбата на овој тип ЕВ е во пораст и во Европа и Индија.
Инфраструктурата за полнење е во чекор со зголемената продажба. Во 2017 година, бројот на приватни полначи во домовите и на работните места бил проценет на речиси 3 милиони во светски размери. Покрај тоа, во 2017 година имало околу 430 000 јавно достапни полначи низ светот, од кои четвртина биле брзи полначи. Брзите полначи се особено важни во густо населените градови и имаат суштинска улога во зголемувањето на привлечноста на ЕВ, бидејќи го зголемуваат радиусот на движење на возилата.
Подемот на продажбата на ЕВ во голема мера зависи од локалната владина политика, тука вклучувајќи ги програмите за јавни набавки, финансиски стимулации за намалување на трошоците при набавка на ЕВ, строгите стандарди за економичност на горивото и регулативите за емисија на загадувачките супстанции, поволностите за возила со ниска и нула емисија на загадувачки гасови, како и различни локални мерки, како што се, на пример, ограничувањата за движење на возилата врз основа на нивните емисии на штетни гасови.
Брзиот подем на ЕВ е помогнат и од постигнатиот напредок во поглед на подобрувањето на перформансите и намалување на трошоците за литиум-јонските батерии. Според извештајот, понатамошното намалување на трошоците за батерии и подобрувањата во перформансите се од суштинско значење за зголемување на привлечноста на ЕВ, а ова би можело да се постигне со комбинација на подобрувања во поглед на материјалите на изработка, зголемување на производството и подобрување на капацитетот на батериите. За ова последново, на маса на разгледување се и други технологии, различни од литиум-јонските.
За понатамошна популаризација на ЕВ, потребни се и иновации во поглед на хемискиот состав на батериите. Ова е потребно поради проблемите при снабдувањето на основните елементи на кои литиум-јонските батерии, како што се никелот, литиумот и кобалтот. Набавката на кобалт е особено проблематична, бидејќи речиси 60% од глобалното производство на кобалт во моментов е концентрирано во Демократска Република Конго.
Дополнително, капацитетот за рафинирање и обработка на суровиот кобалт е концентриран во Кина, која контролира 90% од капацитетот за рафинирање. Дури и ако се земе предвид тековнот развој во поглед на хемискиот состав на батериите, побарувачката на кобалт за ЕВ се очекува до 2030 година да биде за 10 до 25 пати поголема од сега.
Извештајот посочува дека зголемувањето на популаризацијата на ЕВ бара усвојување и примена на минимални стандарди за регулатива на условите за работа и последиците за животната средина. Потребни се низа подобрувања за еколошката одржливост на батериите во поглед на зголемување на нивниот животен век, како и процесите за нивно рециклирање.
Сепак, ако се продолжи со спроведување на регулативите за поддршка на ЕВ, како и намалувањето на трошоците за нивно производство, се предвидува значителен подем во нивната продажба. Најновиот извештај на ИЕА за следење на напредокот на искористување на чистата енергија, укажува дека ЕВ се една од четирите технологии од вкупно 38, коишто се на добар пат да ги постигнат целите за одржливост.