Ако сте во групата луѓе со висок ризик од срцев удар, може да е добра идеја да се вратите назад во минатото, барем во изборот на слушањето на музика, и да се потсетите на ерата на евро-диско музиката од 90-тите години на минатиот век.
Токму овој совет за домашна нега беше претставен како еден од наодите во истражувањата претставени на Европскиот конгрес за анестезиологија, Euroanaesthesia 2018, одржан викендов во Копенхаген, Данска.
Споменатото истражување е дел од трудот за правилна примена на техниките за реанимација објавен од страна на Енрике Кареро Карденал (Enrique Carrero Cardenal) и неговите колеги од Универзитетот во Барселона во Шпанија.
Следејќи ги вежбите за реанимациски техники спроведувани на кукли од страна на 164 студенти, тимот открил дека потребниот број на градни компресии при реанимација, којшто се движи од 100 до 120 во минута, бил точно постигнат од доброволците коишто ја потпевнувале Макарена, за разлика од оние коишто работеле молчешкум.
Најдобри резултати, пак, покажале третина од студентите кои го усогласиле ритамот на своите компресии со отчукувањето на метроном од смартфон апликација, којашто била нагодена на 103 отчукувања во минута.
Но, кога не сте во можност да ја користите апликацијата, потпевнувањето на мегахитот на Лос дел Рио од 90-тите години додека изведувате масажа на срцето е многу корисна алтернатива. Сепак, внимавајте да не се занесете и да почнете да ја танцувате Макарена :)