Рубрика: Астрономија и астронаутика
Дини има и на Плутон, но не се песочни
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 01.06.2018 - 14:00

Сликите од леталото Нови Хоризонти, направени во јули 2015 година при прелетот над Плутон, покажуваат 357 линеарни гребени што планетарниот научник Мет Тефер од Универзитетот во Плимут во Англија и колегите ги толкуваат како дини кои се обликувале на сосема нов начин, објави тимот денес во списанието Science.

Брановидниот релјеф е поставен паралелно со планинскиот венец Ал-Идризи Монтес на западниот раб од рамнината Спутник, област исполнета од замрзнат азот и метан, дел од познатиот регион во облик на срце на Плутон. Релативно силните ветрови што дуваат со брзини помеѓу 1 и 10 метри во секунда, би требало да можат да ги придвижат овие песоковидни планини низ рамнината. Барем на тоа укажуваат направените компјутерски сумулации што ја земаат предвид и тенката атмосфера на Плутон, а според кои силината на овие ветрови е доволна за да ги поместува смрзнатите честички од метан со големина на песочно зрно. Но, истовремено ветровите се пак преслаби за да ги кренат фините зрна мраз од тлото.

Научниот тим предлага дека тоа што би можело честичките мраз да ги одлепи од тлото во рамнината Спутник  се малите изблици од гас што се формираат при загревањето на мразот под дејство сонцето. Овој процес при којшто цврстите тела, како азотниот мраз во случајов, преминуваат директно во гасовита состојба се нарекува сублимација.

Според планетарниот научник Александар Хејс од универзитетот Корнел кој не бил вклучен во работата, напиша коментар во истото издание на Science во којшто повикува на претпазливост бидејќи сублимацијата како процес може да ги објасни некои од карактеристиките, без притоа да има дејство на ветер.

Дини има низ целиот Сончев систем, на Земјата, Марс, па дури и на Сатурновата месечина Титан. Секој од овие светови ги содржи состојките за формирање на дини, изобилство лабав, зрнест материјал и атмосфера или течна околина за поместување на песочестиот материјал. Но, каде и да се наоѓаат дините, тие секогаш ги формираат истите пејзажни шеми, независно од околината. Откритието на дини и на Плутон укажува дека овие пејзажни карактеристики се сеприсутни.

Клучни зборови: