До крајот на овој век оризот може да ги загуби дел од хранливите состојки. Според најновите истражувања оризот до 2100 година најверојатно нема да ги содржи истите нивоа на витамин Б, а исто така ќе се намали и содржината на протеини и одредени минерали.
Тестирањата направени во Кина, на оризови посеви одгледувани во средина со зголемена концентрација на CO2 покажале загуби на конкретно 4 витамини – Б1, Б2, Б5 и Б9. Резултатите од овие испитувања беа објавени овој месец во научниот журнал Science Advances. Ако се земат предвид и резултатите добиени од слични експерименти направени во Јапонија, научниците исто така забележале пад и во содржината на протеини, во просек за 10,3%, пад на железо за 8% и пад на количината на цинк за 5,1%. За разлика од ова, количината на Витамин Б6 останала непроменета, додека нивото на витамин Е се зголемило. Добиените резултати се во согласност и со претходно направените истражувања.
Во експериментални посеви во делтата на реката Јангце во Кина, но и во близина на јапонскиот град Цукуба, научниците одгледале вкупно 18 сорти на ориз. Со помош на систем од цевки, во посевите била донесена дополнителна количина на CO2, при што неговото присуство во воздухот било золемено на 568 до 590 делови на милион (parts per million – ppm) , што е повисоко од сегашното ниво од 410 ppm, но соодветствува со постојаниот пораст и очекуваното зголемување од 570 ppm до крајот од овој век.
Кај примероците од деветте видови ориз од Кина замени од три годишни жетви, при анализата направена во нивната нерафинирана форма, забележана била разлика во степенот на загуба на витамините. Во просек, нивото на Б1 (тиамин) се намалило за 17,1%, нивоата на Б2 (рибофлавин) за 16,6%, Б5 (пантотенска киселина) за 12,7%, додека нивоата на Б9 (фолати) се намалиле за 30,3%.
Ваквото намалување на хранливите материи во оризот би можело да нанесе тежок удар на растечката популација на Азија. Девет од десет земји во светот коишто се зависни од оризот како главна намирница во исхраната, се наоѓаат во Азија. Останатата земја е Мадагаскар. Научниците предвидуваат дека околу 600 милиони луѓе кои во моментов немаат добра опција за правење на измени во нивната исхрана, а за кои оризоте е една од главните прехрамбени намирници, наскоро би можеле да се соочат со дефицит на хранливи материи. Б витамините се важни бидеќи помагаат во извршувањето на голем број на телесните функции, од одржувањето на здрав мозок, до нормален развој на плодот во бременоста.