Сигурно сте забележале дека Месечината кога е малку над хоризонтот, изгледа многу поголема од истата месечина високо над небото, така што сигурно сте се почувствувале како да можете буквално да отшетате до неа и да ја допрете. Ако ова ви се случило, тогаш сте биле жртва на познатата Месечева илузија. За што, всушност, се работи?
На слика 1 е прикажана една од најпознатите “мозгалици” т.н. Понзо илузија. Највертојатно сте ја виделе и сте ја доживеале. Наједноставниот случај се состои од две кратки хоризонтални линии, една над друга, кои се сместени помеѓу две коси, но речиси вертикални линии. Горната линија изгледа подолга од долната линија, иако се работи за линии со иста должина.
Слика 1
Илузијата функционира поради “кусата врска” која се случува во нашите мозоци. Благо накосените линии нè наведуваат да помислиме дека сè што се наоѓа во близина на врвот е подалечно од објектот во долниот дел. Линиите го принудуваат нашиот мозок да ги препознае овие линии како паралелни, но истовремено и како се оддалечуваат во далечината (слично како кај шини од пруга). Обете хоризонтални линии се со физички иста должина, но поради длабинската перцепција нашиот мозок мисли дека горната се наоѓа на поголема оддалеченост. Ако горната линија се наоѓа подалеку, тогаш нашиот мозок си вели дека оваа линија мора да е поголема од долната. Па, на тој начин и ни ја прикажува.
Еве уште еден пример за Понзо илузија. На приложената слика 2 се чини дека црвената вертикална линија од десна страна е многу подолга од онаа од лево. Изгледа речиси двапати подолга. Тоа е многу моќна перцепција. Но, не е така. Ако ги приближиме физички двете црвени линии и ги ставиме една до друга, како што е прикажано во аголот од истата слика, се гледа дека тие, горе-долу, се со речиси иста должина (не потполно еднакви, што се должи на резолуцијата на сликата, но не и со толкава разлика во должината како што “тврди” вашиот мозок).
Слика 2
Овој пример е одличен, бидејќи користи ситуација од вистинскиот живот. Можете да го забележите како ѕидните плочки стануваат сè помали како што се оддалечуваат, додека нивната хоризонтална поставеност, заедно со линиите помеѓу нив, го тераат вашиот мозок да ја перципира десната линија како подалечна. Повторно прекрасна Понзо илузија.
Ваков тип на илузии во животот среќаваме постојано. Токму за ваков тип на илузија се работи и кај веќе споменатото привидно зголемување на Месечината. Месечевата илузија делумно се должи на истиот ефект, но при нејзиното “разоткривање” истовремено треба да се има предвид и начинот на кој нашиот мозок го согледува и го толкува небото над нашите глави.
Доколку се запрашаме каков е обликот на небото над нашите глави, сигурно како од пушка ќе одговорите дека се работи за хемисфера. Но, всушност, речиси секој го гледа како превртена чинија, чие рамно дно сега доаѓа над него на врвот. Претставете си го ова на следниов начин: ако небото е хемисфера над вас, хоризонтот ќе е на иста далечина со зенитот. Но, повеќето луѓе го гледаат хоризонтот како да е подалечен одошто точката која се наоѓа директно над нивните глави, што е докажано со повеќе тестови. Ова не е премногу изненадувачки. Замислете си еден просечен облачен ден. Облаците над вашата глава се можеби два или три километри погоре, но во близина на хоризонтот тие можат да бидат оддалечени и до 100 километри!
Веројатно погодувате каде ќе одам со ова? Кога Месечината се наоѓа на хоризонтот, вашиот мозок смета дека е далеку, многу подалеку отколку кога таа се наоѓа над вашата глава. Токму тука настапува Понзо илузијата: вашиот мозок ја гледа Месечината како огромна и изгледа како да може речиси да ја досегнете. Илузијата, исто така, функционира и за Сонцето.
Чудно е што кога е на хоризонтот Месечината, всушност, се наоѓа подалеку одошто кога е директно над нашите глави. За волја на вистината не многу, само неколку илјади километри, што во споредба со целокупниота оддалеченост на Месечината од Земјата која изнесува околу 400000 километри е занемарувачки малку.
Ова е илустрирано со слика 3. Човечето во горниот дел од Земјата на скицата ја гледа Месечината на неговиот хоризонт, додека човекот од страна на Земјата ја гледа директно над глава. Но, можете да забележите дека оддалеченоста не е иста. Месечината е поблиску до човекот што ја гледа над него или, ако сакаме да бидеме прецизни во бројки, таа е поблиску приближно колку што изнесува радиусот на обемот на Земјата. И тука нема илузија, се работи за чиста наука.
Слика 3
Така, Месечевата илузија е само тоа – илузија. Значи, тоа не е воздухот кој дејствува како леќа, или, пак, споредбата со објектите кои се пред Месечината прават таа да изгледа поголема во споредба со нив. Се работи само за начинот на кој ние го гледаме обликот на небото во спрега со сега веќе добро познатата Понзо илузија.
Науката го зема нештото што го гледаме како реално, го расчленува на најмали делчиња, го анализира и на крај утврдува дека реалноста, всушност, може да биде интересна, но дефинитивно нереална илузија? Па, токму тоа е она што науката го работи! Тоа ни помага да го разбереме подобро светот во кој живееме, но истовремено го прави и поинтересен.