Полека, но сигурно, се ближи сезоната на годишни одмори. По цела година напорна работа, веројатно едваj ja чекате можноста да се испружите на некоја далечна плажа оставајќи ги секојдневните проблеми тивко да потонат во шумот на морските бранови, барем во тие денови. Одењето на одмор е добро за вас, но како што сè повеќе истражувања укажуваат, тоа не е така и за планетата.
Едно ново истражување објавено во научното списание Nature Climate Change открива дека таканаречениот јаглероден отпечаток на глобалниот туризам е за околу осумпати поголем од досега сметаното. Ова значи дека на туризмот отпаѓа околу една дванаесеттина од емисиите на стакленички гасови на светско ниво!
Значителната разлика во пресметаниот јаглероден отпечаток се должи на тоа што новото истражување освен емисиите од СО2 што настануваат при воздушниот сообраќај, ги зема предвид и емисиите од CO2 и други гасови што ја затоплуваат планетата, коишто се должат на изградбата и одржувањето на туристичката инфраструктура (хотели, аеродроми), како и емисиите врзани со купувањето храна, пијалаци и сувенири.
При истражувањето се обработени податоците собрани од 160 земји, при што е утврдено дека на глобалниот туризам во 2013 година отпаѓаат околу 8% од глобалните емисии на стакленички гасови, или околу 4,5 милијарди тони CO2 во таа година. Притоа, на авионскиот сообраќај отпаѓа само околу 12% од овој вкупен износ.
Секако, истражувањето има и критичари коишто велат дека туристите би морале, на пример, да купат храна, пијалаци и слично и кога би биле дома, па така овие податоци не треба да бидат внесени во пресметката, но, нејсе. И покрај ова, во едно друго истражување направено во Холандија, пресметано е дека просечниот Холанѓанец создава дури 8 пати повеќе емисии на стакленички гасови кога патува отколку кога е дома.
Едно е сигурно, доколку продолжат последните трендови, ако растот на глобалната економија оди според очекувањата, јаглеродниот отпечаток од глобалниот туризам само ќе се зголемува. Според сите проценки, зголемувањето би било дури до 40%, што би значело дека годишните емисии на CO2 од туризмот на глобално ниво до 2025 година ќе изнесуваат околу 6,5 милијарди метрички тони.
Светската туристичка организација на Обединетите нации претходно предложи два начина за намалување на јаглеродниот отпечаток на глобалниот туризам – туристите да изберат дестинации поблиску до дома, како и зголемување на употребата на јавниот превоз за пристигнување на посакуваната дестинација. Освен ова, од државите се очекува да понудат стимулации за туристичките провајдери, за зголемување на нивната енергетска ефикасност. Но, до денес, ниту еден од овие пристапи не покажал особен успех, истакнуваат научниците.