Една врска меѓу гените “виновни” за бојата на косата и оние вклучени во имуниот одговор, може да објасни зошто косата побелува при справувањето со тешка болест или со хроничен стрес. Откритието беше објавено во научното списание PLOS Biology.
Влакната од косата во најголем дел се состојат од кератин, долг, релативно безбоен структурен протеин. Во фоликулите на косата, клетките наречени меланоцити го формираат пигментот меланин и го пренесуваат до клетките што произведуваат кератин. Меланинот потоа се вградува во влакната од косата.
Најчест пигмент е еумеланинот, со кафено-црна боја. Феомеланинот, пак, е црвеникав. Високите нивоа на еумеланин даваат потемна коса, додека високите нивоа на феомеланин даваат црвена коса. Варијациите во односите на овие два пигмента го создаваат широкиот спектар од природни бои на косата, кој добро ни е познат на сите.
Меланоцитите живеат само три до пет години, но меланоцитните матични клетки постојано произведуваат нови. Со стареењето губиме голем дел од овие клетки, па така новите влакна на нивните завршетоци стануваат белузлави, односно седи.
Познато е дека транскрипцискиот фактор поврзан со меланогенезата (или melanogenesis associated transcription factor - MITF), игра важна улога во производството и животниот циклус на меланоцитите. Воглавно, тој ја контролира активноста на гените што произведуваат и испорачуваат меланин. Кај глувците е забележано дека ако за време на развојот на меланоцити не бил присутен MITF, нивното крзно нема да содржи пигмент.
Во истражувањето спроведено од Вилијам Пејан (William Payan) од Националниот институт за здравство на САД и Мелиса Херис (Melissa Harris) од Универзитетот во Алабама, било откриено дека MITF покрај својата улога во производството на меланин дејствува и како прекинувач за одредени гени што се вклучени во активностите на имунолошкиот систем. Имено, кога клетката открива туѓо тело, како што е на пример вирусот, таа произведува интерферони, молекули што ја стимулираат активноста на бројни гени врзани со имунитетот, вклучително и на гените што го оневозможуваат размножувањето на вирусот.
Резултатите откриваат дека глувците со недоволен MITF имале повисока активност кај неколку гени што ги стимулира интерферонот. Со други зборови, МИТФ ја контролира нивната активност, а во негово отсутво, таа контрола се губи.
Ова укажува на тесна врска меѓу пигментацијата на косата и имунолошкиот одговор. За поблиску да ја истражат оваа врска, научниците поттикнале одржлив имунолошки одговор кај глувците што веќе имале предиспозиции за седи влакна во крзното. Како резултат на тоа, глувците изгубиле голем дел од меланоцитите и меланоцитните матични клетки, и нивното крзно значително побелело.
Со објаснување на начинот на којшто имунолошката активација негативно влијае на меланоцитите и на меланоцитните матични клетки, наодите помагаат и за да се објасни зошто тешката инфекција или постојаниот стрес, кој предизвикува воспаление, може значително да им ја побели и косата на некои луѓе.