Рубрика: Астрономија и астронаутика
Дали јупитеровата голема црвена дамка ќе исчезне?
Автор: Петар Лагудин
Објавено на 02.05.2018 - 12:15

Големата црвена дамка одблиску

Познатиот јупитеров “реквизит”, големата црвена дамка на јужната негова хемисфера, според последните астрономски набљудувања се наоѓа на пат кон исчезнување. Историјата на оваа дамка можеби датира уште од 1665 година кога двајца астрономи, Џовани Касини (Giovani Cassini) француски астроном од италијанско потеко, и Роберт Хук (Robert Hook) британски физичар, ја опишале во нивните записи за планетата Јупитер. Но, научниците денес не се апсолутно сигурни дека тие нивни описи се однесуваат на истата голема црвена дамка што денес ја гледаме на планетата Јупитер. Ако е така, тогаш дамката е стара повеќе од три века.

 Систематските проучувања на дамката се од понов датум, имено датираат од 1830 година наваму. Врз основа на сите досегашни проучувања, познато е дека дамката всушност е голема олујна вртложна бура во атмосферата на Јупитер, и дека ротира во насока обратна од ротацијата на стрелките на часовникот, со брзина на нејзините рабови поголема дури и од 400km/h. Нејзината црвенкаста боја се претпоставува дека се должи на отсјајот на сончевите зраци што се рефлектираат од гасот метан, присутен со најголемо количество во однос на другите состојки во неа, а којшто потекнува од пониските делови на јупитеровата атмосфера. Според историските цртежи направени во време на првите документирани наблудувања во 1831 година, димензиите на дамката во тоа време биле огромни. Толкави што во нејзината површина би можеле да се сместат дури 3 планети со големина на Земјата. Меѓутоа, оттогаш наваму, набљудувањата на астрономите забележале дека нејзиниот полупречник постојано се смалувал со стапка од 1 000 km годишно, така што според најновите снимки направени од орбиталниот телескоп Hubble, денес во нејзината површина би можеле да се сместат едвам 1,3 планети со димензии на Земјата. Како последица од намалувањето на нејзиниот обем, ротацијата на дамката постепено се забрзува, согласно со законот за зачувување на аголното количество на движење. Ова најдобро го илустрираат лизгачите на мраз коишто изведуваат пируети (брзо вртење во место), имено, тие ја забрзуваат нивната ротација кога нивните раце ќе ги припијат кон телото. Освен сето тоа, дамката исто така постепено ја губи и нејзината црвеникаста боја, па сега е бледо жолтеникава.

Астрономите најавуваат дека и натаму ќе ги следат промените во јупитеровата дамка, со надеж да откријат дали тие се резултат на нормална флуктуација или се работи за конечно смирување на олујната вртложна бура. Меѓутоа, пресметките на JPL (Jet Propulsion Laboratory) на НАСА веќе покажале дека, доколку процесот на смалување на дамката продолжи со истата стапка, што е многу веројатно, таа наполно ќе исчезне во следните 20 години, па така Јупитер ќе го загуби неговиот знаменит “реквизит”, единствен меѓу планетите во сончевиот систем.

Клучни зборови:
Големата црвена дамка одблиску

Големата црвена дамка одблиску

Планетата Јупитер со неговата најпозната карактеристика

Планетата Јупитер со неговата најпозната карактеристика