Конечно, по долгогодишни тестирања во реални услови (од 1996 година), оваа година светлината на денот ќе ја види првиот сериски произведен бензински мотор СВС со променлив (варијабилен) степен на компресија. Се работи за моторот Nissan VC-turbo кој ќе биде вграден во моделот Нисан алтима.
За што се работи? Познато е дека колку е поголем степенот на компресија кај моторите со внатрешно согорување (СВС), толку е поголем неговиот термодинамички степен на корисно дејство, а тоа директно влијае на потрошувачката на гориво, т.е. ја намалува. Тоа пак значи дека колку е поголем притисокот на крајот од компресијата (палењето изостанува!), толку степенот на компресија е поголем. Максимален притисок на крајот од тактот на компресија имаме при максимално оптоварување на моторот, т.е. кога е до крај притиснат педалот за гас. Овoј притисок е ограничен за да не дојде до детонација и самозапалување на горивната смеса. За модерниве бензински мотори тој однос е околу 14:1. При делумно оптоварување на моторот, овoј притисок е многу мал, што повлекува мал ефективен степен на компресија и намалување на термичкиот степен на корисно дејство и зголемена потрошувачка на моторот. Во овoј случај одлично би дошол варијабилен степен на компресија, кој зависи од оптоварувањето на моторот и би се движел во границите од 14:1 (за мало оптоварување) до 8:1 (за големо оптоварување), при што притисокот на смесата на крајот од компресијата при сите режими на оптоварување теоретски би бил ист, т.е. максимален. Токму тоа го направи фирмата Нисан. Кога имаме мали степени на компресија (максимални оптоварувања), се вклучува турбо полнењето, со што драстично се наголемува излезната сила на моторот (и вртежниот момент). Друг интересен момент е тоа што благодарение на клипниот механизам имаме и продолжен работен од на клипот на третиот такт (Аткинсон циклус), при што дополнително се наголемува степенот на корисно дејство. Така, грубо речено, добиваме исти излезни перформанси од класичен 3-литарски мотор како со мотор СВС со запремина од 1,5 литри, но со варијабилен степен на компресија.
Моторот на Нисан истиснува 185 КС и има вртежен момент од импресивни 370 Nm. Потрошувачката е за 27% помала од шестцилинтричен мотор, иако има само четири цилиндри. Ова е мотор кој е вистински бисер на напредната технологија. Има интересен клипен механизам, а посебен предизвик претставувало динамичкото урамнотежување на клипниот механизам без употреба на балансирачко вратило (оска).
За повеќе видете тука