Пред пет години, метеор тежок 10000 тони експлодира над Челјабинск во Русија, со сила на 30 атомски бомби. Пред три дена, астероид три до шестпати поголем од таа карпа се појави од нигде и никаде, и прошиша покрај Земјата на растојание помало од 200000 km, или на околу половина од растојанието до Месечината. Научниците го забележаа астероидот само неколку часа пред тој да се приближи.
Астероидот, наречен 2018 GE3, помина покрај Земјата во неделата изутрина, во 7 часот и 41 минута по средноевропско време, и се проценува дека беше со дијаметар од 50 до 100 метри. Со еден збор – беше голем. Исто така, беше неверојатно брз, патуваше со брзина од над стотина илјади километри на час, поточно со брзина од 86 маха.
Највознемирувачкото нешто за 2018 GE3 е тоа што не беше забележан сè дури не се појави многу блиску до Земјата, давајќи им на научниците многу малку време да се подготват и да направат процена за тоа колкави би биле последиците ако астероидот влезе во атмосферата.
И покрај меѓународните напори за следење и идентификување на објекти блиску до Земјата – глобалниот систем за одбрана од астероиди на НАСА, реалниот план на НАСА за отстранување на астероидите и метеорите што се закануваат на Земјата, 2018 ГЕ3 се протна низ мрежата. Следниот пат, можеби нема да имаме ваква среќа.
Иако метеорот од Челјабинск беше помал од оваа вселенска карпа, сепак, повреди повеќе од илјада луѓе при неговата експлозија и ги посеа своите остатоци низ рускиот пејзаж, меѓу кои и парче тешко половина тон пронајдено во блиското езеро.
Вселенските агенции како НАСА можеби и не можат да ги спречат астероидите што ги следат со години. Кога сме кај ова – џиновскиот астероид Бену, на пример, има многу мали шанси за катастрофален судир со Земјата, но плановите на НАСА за отстранување на оваа закана може да не бидат доволни.