Рубрика: Омнибус
Македонските иноватори на саем во Мостар
Автор: Владимир Филевски
Објавено на 18.04.2018 - 11:45

Од 10 до 14 април 2018 година, во Мостар се одржа 21. Саем на стопанството, најголемата саемска манифестација во Босна и Херцеговина. На вкупно 30000 метри кавадратни изложбен простор, во две огромни хали и на отворено, беа претставени голем број производи и услуги од многу земји. Тука имаше производи од металната, градежната, земјоделската, прехранбената и автомобилската индустрија, потоа разни области од високата технологија, а и понуда на разни услужни дејности. Во рамките на саемот беше одржана и манифестацијата "Вина и виноградинарска опрема“. Во периодот на Саемот се одржаа и значајни собири, конференции и округли маси. Мостарскиот саем е дел од мрежата "Асоцијација на саеми на Југоисточна Европа“.

Колкава е важноста на саемот во Мостар зборува и податокот за присуството на над 400 новинари! Саемот го отвори претседателот на Србија, Александар Вучиќ, а на свеченото отворање присуствуваа премиерот на Хрватска,  Андреј Пленковиќ, премиерот на Црна Гора, Филип Вујановиќ, премиерот на Бугарија, Бојко Борисов, хрватскиот член на претседателството на БиХ, Драган Човиќ, преседателот на Република Српска, Милорад Додик и многу други високи претставници.

На неколку штандови на Саемот своите пронајдоци ги претставија 4 иноватори од Националната асоцијација на пронаоѓачи на Македонија (НАИМ), 6 иноватори од Асоцијацијата на иноватори на Босна и Херцеговина и 6 иноватори од Друштвото на иноватори Диатус од Хрватска.

Домаќин на иноваторите беше членот на Управниот одбор на Асоцијацијата на иноватори на Босна и Херцеговина, Борко Бабаљ.

Националната асоцијација на пронаоѓачи на Македонија (НАИМ) ги повикува сите заитересирани иноватори да се зачленат (www.naim.mk). Најинтересните иновации на члeновите на НАИМ ќе бидат испраќани на голeм број саеми на иновации и пронајдоци во странство, каде што ќе имаат шанса нивните идеи и пронајдоци да бидат забележани од странски фирми заинтересирани за инвестирање и производство. Следните саеми на коишто можат да учествуваат членовите на НАИМ се во Белград од 7 до 11 мај 2018 година и во Чешката република од 20 до 22 јуни 2018 година.

Клучни зборови: