Факултетот за електротехника и информациски технологии денес во просториите на хотелот Best Western Турист во Скопје одржа работилница на тема “Бариери и можности за интеграција на системи за складирање енергија во згради со фотоволтаици и примена на nZEB стандардите“.
Трансформацијата на зградите во објекти со потрошувачка на енергија близу до нула (nZEB) и бариерите и можностите за интеграција на системите за складирање енергија во згради со фотоволтаици се предизвиците со кои се соочува научната и стручната јавност. Ова е заклучокот од денешната дебата на работилницата „Бариери и можности за интеграција на системи за складирање енергија во згради со фотоволтаици и примена на nZEB стандардите“ организирана од Факултетот за електротехника и информациски технологии.
„Целите на европската политика за клима и енергија се јасно поставени – до 2050 година, целосна декарбонизација на производството на електрична енергија (без емисии на сткленички гасови, а тоа значи без фосилни горива) и намалување на емисиите на стакленички гасови од целокупниот енергетски сектор за 80% во однос на нивото во 1990 година. За постигнување на овие цели, уделот на обновливите извори енергија, се разбира со значајно место на сончевата енергија, сè повеќе ќе се зголемува, сè повеќе ќе има влез на енергија која внесува непредвидливост. Во таков контекст, начините и технологиите за складирање на енергија добиваат сè поголемо значење.“, објасни професор д-р Наташа Марковска од Истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој при Македонска академија на науките и уметностите (ИЦЕОР-МАНУ).
Според неа, „хибридот од фотоволтаици и системи за складирање на енергија е еден од начините за овозможување поголема интеграција на соларната енергија во електро-енергетските системи, особено кога се работи за островски системи или изолирани заедници.“, заклучува Марковска.
Според професорот од ФЕИТ, Димитар Димитров, во последниве години, цените на компонентите на фотоволтаичните системи се значително намалени, што доведе до намалување и на производната цена на електричната енергија. Таа веќе го достигнува нивото на цените а од класичните извори.
Љупчо Димов од скопската општина Карпош објасни дека единиците на локалната самоуправа и според досегашните законски решенија, а посебно според новиот закон за енергетика и законот за енергетска ефикасност (во подготовка) имаат широк спектар на можности за примена на системите со фотоволтаици како поединечни извори на енергија.
За професор Марија Кацарска од Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, главни цели на проектот се подобрување на интеграцијата на фотоволтаици и системи за складирање на енергија во згради преку 5 пилот проекти, со што ќе се олесни транзицијата кон nZEB, како и идентификување и справување со бариерите кои се појавуваат при инсталацијата на фотоволтаици. Сите пилот проекти се внимателно одбрани со цел да се испита дали и колку големината на системите за складирање на енергија, како и различните географски услови влијаат врз перформансите на предложената иновативна шема за управување.
„Главните резултати од проектот се иновативна шема за управување со хибрид кој се состои од фотоволтаици и системи за складирање на енергија, онлајн алатка која обезбедува проценка на профитабилноста на овие системи, како и множество регулаторни препораки на земјите учеснички во форма на патоказ за Balkan – Mediterranean регионот. Во проектот PV – ESTIA ќе биде извршена детална оцена на перформансите на предложената иновативна шема во реални услови“, вели Кацарска.
Работилницата се одржува во рамките на проектот “Подобрување на интеграцијата на складирање на енергија во згради со фотоволтаици – PV-ESTIA“ од програмата “TNCP Balkan – Mediteraneen 2014-2020“, имплементиран од ФЕИТ
Во рамки на проектот во Скопје ќе се реализираат два пилот проекти, на една од зградите на ФЕИТ ќе се постави хибриден систем од фотоволтаични модули со капацитет од 10 kWp кој ќе го обезбеди ФЕИТ, а од проектот ќе се набават батерии за складирање на најмалку 7kW од произведената електрична енергија со комплетен систем за поврзување и мониторинг и ќе се инсталира мониторинг систем за следење на потрошувачката на електрична енергија кај 20 домаќинства во Скопје во згради или пак во индивидуални куќи за што на почетокот на мај 2018 година на веб страницата на ФЕИТ ќе биде распишан јавен оглас за пријавување.