Да се земе десктоп компјутер со одлични хардверски компоненти и перформанси или да се жртвуваат перформансите за да се има мобилност? Вечната дилема на гејмерите, а и на сите кои имаат потреба од “ламја” лаптоп конечно е решена. Интел го претстави своето најново чедо што ќе им ги олесни маките – првиот Intel Core i9 процесор наменет за лаптопи.
Новиот процесор е дел од осмата генерација процесори од Интел. Осмата генерација на Intel Core i5, i7 и i9 процесори за лаптопи се заснова на платформата Coffee Lake и носи 14-нанометарска процесорска технологија што овозможува и до 41 процент повеќе фрејмови во секунда при вртењето на игрите, или за 59 проценти побрзо уредување на 4К-видеоматеријал, споредено со претходните генерации со иста дискретна графика.
На врвот од оваа група е i9-8950HK процесорот оптимизиран за потиснување на ограничувањата на перформансите. Се работи за прв шестјадрен процесор со 12 низи, доаѓа целосно отклучен и носи карактеристики како Intel Thermal Velocity Boost (TVB), што ја зголемува фреквенцијата на тактот до 200MHz, се разбира ако температурата на процесорот е доволно ниска и ако е достапен turbo power budget. Ова значи турбо фреквенција и до 4,8 GHz.
Оваа 8. генерација на семејството процесори Intel Core овозможува моќна мобилна платформа за создавање и развој на нови содржини. Со нив доаѓа и новата серија чипсети Intel 300 Series Chipset, што додава интегриран Gigabit Wi-Fi за неверојатно брза конекција.