Рубрика: Астрономија и астронаутика
Воведен курс по астрономија 2018 со посебен повод
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 05.03.2018 - 00:00

Со почеток од 27. март 2018 година, Скопското астрономско друштво го организира редовниот Воведен курс по астрономија 21. пат по ред, но оваа година со посебен повод – 20 години постоење и успешна работа на друштвото! Учењето го прават забавно, а овие предавања се одлична можност да се запознаете и со работата на друштвото, па и да се зачлените.
Целта на курсот е посетителите да се запознаат со основните принципи и факти од областа на астрономијата, без да им бидат потребни предзнаења од оваа наука. Астрономските термини и објекти ќе бидат претставени преку секојдневни примери, со многу слики, анимации, неколку важни равенки и секако, набљудувања со телескопи.
Предавањата ќе се одржуваат двапати неделно – вторник и четврток, во амфитеатарот на Факултетот за електротехника и информатички технологии (ФЕИТ) со почеток од 20:00 часот.
Курсот ќе започне на 27.3.2018 (вторник). Предвидени се 10 термини, од кои два во Планетариумот при Младинскиот културен центар во Скопје. Предавањата ќе завршат на 26.4.2018, по што следува незадолжителен тест, а потоа и доделување на дипломи за учесниците.
Цената за целокупниот курс е 1500 денари. За ученици, за студентите на ФЕИТ (со приложен индекс или студентска легитимација) и за членовите на Скопското астрономско друштво, цената на курсот е 1000 ден. Во цената се вклучени:
• скрипта со материјали од курсот;
• посета на Планетариумот;
• набљудувања со телескопи;
• завршен тест;
• диплома.

Важно:
• Курсот не го препорачуваме за деца под 12 години;
• Претходно пријавување не е потребно. Уплатата се врши пред почетокот на првото предавање.
За повеќе информации пишете на kontakt@astronomija.mk или јавете се на 076 439 027.

Клучни зборови: