Еднаш мораше и тоа да се случи – некој паметен да најде посериозна употреба на оние играчки што левитираат, во форма на глобус, Death Star, Space Ship, итн. Кај тие играчки поентата е само во стабилното лебдење на некој мал и впечатлив предмет, но кај грамофонот MAG–LEV дискот (заедно со винилната плоча) не само што лебди, туку и ротира со константна брзина од 33 1/3 или 45 вртежи во минута. Кај класичните грамофони голем проблем е да се намали механичкото пренесување на вибрациите од моторот и околината врз дискот и тој проблем досега само се ублажувал со употреба на разни конвенционални методи – совршено исполиран врв на осовина на дискот заедно со нејзиното лежиште и специјални масла за подмачкување (за минимално триење), масивен диск (за жироскопски ефект и инертност на надворешни вибрации), пренос од ротацијата на осовината на моторот до дискот преку гумен ремен (за дампирање на вибрациите), па дури и перманенти магнети за левитирање на дискот (но при што осовината на дискот повторно е во контакт со лежиштето). Кај грамофонот MAG–LEV дискот потполно е одвоен од остатокот од грамофонот и навистина левитира. Трикот е во употребата на променливо магнетно поле, кое не само што го држи дискот подигнат, туку и го ротира со константа брзина. На тој начин, сите можни непожелни вибрации потполно се елиминирани – најпосле е створен совршениот грамофон! Овој грамофон е дело на група словенечки експерти од разни области, како дизајнери, електроиженери и аудиофили, најмногу од иновативните фирми DesnaHemisfera и Topsol, но и независни експерти. Дизајнот и конструкцијата ги заслужуваат сите пофалби, почнувајќи од духовитото решение со логото MAG–LEV кадешто средната цртичка („тире“) левитира погоре, преку добрите дизајнерски решенија на телото на грамофонот, дисплејот и илуминацијата под дискот, употребата на солидната грамофонска рачка Pro-Ject 8.6 и вообичаениот добар избор на интегрираните решенија со грамофонската глава Ortofon OM5 (која може да се замени со некоја подобра и поскапа во секое време), па до совршено осмислените решенија за потпирање на дискот по евентуален прекин на напојувањето, преку интерен UPS уред.
Предфинансирањето на MAG–LEV грамофонот беше извршено преку платформите Kickstarter и Indiegogo, кадешто среќниците што партиципираа ќе ги добијат своите MAG–LEV грамофони за 790, односно 1090 американски долари. Нормалната малородажна цена ќе биде околу 1500 долари.