Вселенската ракета "Falcon Heavy" е најнов производ на приватната американска фирма “Space X", која со своите претходни вселенски ракетни летала “Falcon 9" имаше видно учество во околу 40 разни комерцијални вселенски мисии. А еве сега, таа се појавува со најново вселенско ракетно летало, со зголемена носивост на товарот во однос на претходните летала “Falkon 9" од 22 800 kg носивост, на 63 800 kg, и со тоа стана 4. по моќност вселенско летало зад “Saturn V" на НАСА, и руските “Енергија” и “Н1”. Но, со оглед на тоа што наведените три најмоќни вселенски летала веќе не се во употреба, “Falcon Heavy" во денешно време претставува најмоќно вселенско ракетно летало во светски рамки. Според сопственикот на фирмата Elon Musk, ова вселенско ракетно летало би можело да се употреби и за подолги вселенски мисии со човечки екипаж, и тоа не само до Месечината, туку дури и до Марс, иако тестирањето беше приспособено како за лансирање на потешки комерцијални вештачки сателити.
Интересна е конструкцијата на Falcon Heavy, таа содржи едно главно ракетно летало и три други помошни ракети, прицврстени за неа, кои служат како погонски потискувачи на главното ракетно летало, а по излезот од атмосферата на Земјата, тие се одвојуваат од главната ракета и се враќаат на Земјата без да се оштетат, па можат повторно да се употребат за истата намена.
Пробното лансирање на “Falcon Heavy" беше успешно извршено на 5 февруари оваа година и сега леталото патува околу Сонцето во орбита помеѓу Земјата и Марс. Меѓутоа, главната атракција, што осoбeно ги одушеви присутните се случи 3 минути по лансирањето! Тоа беше токму враќањето на две од помошните ракети, што откако ја извршиле нивната задача, се одвоиле од главната вселенска ракета и меко се приземјиле точно на одредено место, неколку десетици метри една од друга, без никакво оштетување. Но, за волја на вистината, третата помошна ракета, која беше предвидена меко да се спушти на една морска платформа близу до американското крајбрежје во Атлантскиот Океан, не успеа во тоа, туку се струполи во океанот со брзина од околу 480 km/h и целосно се парчоса.
Но, сепак, и покрај оваа помала незгода, ракетното летало успешно стартуваше и сега крстосува низ вселенскиот простор околу Сонцето, носејќи со себе во промотивна цел, еден многу чуден товар: верувале или не, електроавтомобил од марката “Tesla Roadster”! Во автомобилот е сместена седната кукла со човечка големина, именувана Starman (Ѕвезден човек), комплетно облечен во вселенска облека. И не само тоа, при своето патување, автомобилот перманентно ја емитува и истоимената песна од легендата David Bowie! Паувањето на Ѕвездениот човек можете да го следите во живо, на интернет, на подолу дадената видеоврска. Целото ова сценарио е идеја на сопственикот на фирмата, Илон Маск (Elon Musk), па еве како тој во шега ја објаснува поентата: “Автомобилот “Tesla Roadster" во вселенското летало Falcon Heavy ќе крстосува најверојатно вечно низ вселената, па кога-тогаш, можно е некоја напредна вонземска цивилизација евентуално да го открие и да ја прочита пораката поставена во него, на која пишува: “Изработено на Земјата, од Луѓето”.
Па ете, во астронауката не е на одмет и малку шега!