Дека главните складишта со наслаги од мраз на планетата Марс се неговите полови, научниците тоа го знаеле уште од порано, но исто така тие претпоставувале и дека извесен дел од површината на Марс содржи тенок потповршински мраз. Во тоа конечно се увериле од нивниот најнов наод, којшто пријатно ги изненади и нив самите. Имено, тие детектирале огромни дебели наслаги од мраз на вкупно осум различни локации, сите на средна географска широчина, и тоа, седум од нив на јужната, а една на северната хемисфера на Марс. Сите локации се идентификувани вдолж речиси вертикални падини со стрмина под агол од околу 55° и височина од околу стотина метри. Откритието е резултат од истражувањата од орбитерот на НАСА, Mars Reconnaissance, којшто уште од 2006 година е во орбитата околу планетата Марс, со задача да ја студира неговата атмосфера и да открива евентуални водени струења плитко под неговата површина.
Ова откритие е од голема важност за научниците. Имено, тоа покажа дека водените ресурси во облик на мраз на Марс, освен главно на половите, ги има исто така во големи количества и на многу попристапни простори отколку што се половите; имено, ги има и на простори со средна георафска широчина, што за научниците е многу актуелно. За компарација, тие простори се приближно на географската широчина на која се наоѓа Шкотска на нашата планета. Актуелноста на тоа откритие ни ја објаснува планетарниот научник Шејн Бурн (Shane Burne) од Лунарната и планетарната лабораторија на Универзитетот во Аризона; “Во идните мисии за истражување на планетата Марс, предвидена е и мисија за посета на оваа планета од страна на човекот, па дури и градба на стационарна планетарна база на Марс. Но, за таа цел неопходно беше да се изнајде трајно решение за водоснабдувањето. Да се носат со себе нужните количества вода при тие идни мисии е многу тешко, па првите идеи за решавање на тој проблем беа водата да се извлекува од многу ретката атмосфера на Марс, или од карпите кои ја содржат во нивниот состав! Но, со наведеното откритие, овој проблем се чини дека е разрешен. Имено, водата од мразот може да се употребува и за пиење и за конверзија во кислород за дишење!”
Очигледно, среќата им се насмевна на научниците!