Рубрика: Автомобилска техника
Суперспортскиот прототип PORSCHE MISSION E
Автор: Томе Скендеровски
Објавено на 02.01.2018 - 00:00

Нема шега: германскиот гигант за сериски спортски автомобили Порше со новиот прототип Mission E на голема врата влегува во врвот на светската понуда на спортски електрични автомобили. Во моментов единствен конкурент му е американскиот Tesla Model S. На самите слики се гледа модерниот надворешен дизајн. И убедлив е во секој случај. Ентериерот е, пак, со ултрамодерен дизајн во минималистички стил. Само еден детаљ за него, има сензор кој го следи погледот на очите на возачот и притоа дисплејот врз кој погледот ќе се задржи моментално се нагласува, за да може што полесно да се отчита податокот кој го покажува (значи податокот што во моментот е од интерес за возачот). А сега, неколку интересни податоци за погонот. Погонот е на сите четири тркала. Вкупната моќност на електромоторите е 670 КС од кои само на предните тркала отпаѓаат 215 КС со 16 000 вртежи во минута на електромоторот и константен вртлив момент од 300 Nm, а краткотрајно може да се оптовари и на 440 Nm вртлив момент. Основен е задниот погон и за него е задолжен електромотор со силина од 322 КС и вртежен момент од 340 Nm, а краткотрајно може да испорача силина од 429 КС и вртежен момент од 550 Nm. Задниот диференцијал има заштита од пролизгување на тркалата. Максималната брзина е ограничена на 250 km/h (тоа е џентлменски договор за висината на максималната брзина на германските производители на автомобили). забрзувањето од 0 до 100 km/h е за 3,5 секунди (се однесува за најјаката верзија). Со едно полнење на батериите ќе може да помине 500 km. Брзото полнење трае 15 минути и со него може да се наполни дури до 80% од капацитетот на батериите. Продажната цена е поставена на 75000 американски долари и е за точно 10000 долари пониска од првично проценетата од менаџерите во Порше. Инаку, ова е одговорот на Порше за иднината на спортските електрични автомобили во смисла на нивните максимални перформанси. Вистински чистокрвен Порше спортски автомобил. Нема сомневање во тоа. Впрочем, сликите покажуваат многу повеќе од она што јас можам да го искажам со зборови. Уживајте во ултрамодерното електрично Порше прикажано на сликите подолу. НАПОМЕНА: задолжително погледајте го 5 минутното клипче во кој е претставен процесот на проектирање на ова извонредно спортско електрично возило.

Клучни зборови: