Рубрика: Информатика
Денот кога умре неутралноста на интернетот
Автор: Зоран Ивановски
Објавено на 19.12.2017 - 00:00

Веќе четири дена минаа откако е донесена, според могумина, спорната одлука за укинување на неутралноста на интернетот, но реакциите засега се, што би се рекло, на “позитвна нула“. Иако реално се очекуваа бурни реакции, тие засега изостануваат. Што стои зад оваа контроверзна одлука на Федералната комисија за комуникации (FCC) на САД е прилично нејасно, а штурите објаснувања, “завиткани во фолија“,  само уште повеќе ги подгреваат шпекулациите.

Дали оваа одлука е контроверзна или не, ќе покаже наредниот период. Но, дека директно удира врз неутралноста на интернетот, тоа е повеќе од јасно. За што конкретно се работи?

Големите сервиси како YouTube, Facebook, Google и други ја делат мрежата, односно протокот на податоци заедно со останатите, поголеми/помали сервиси, веб-страници итн. Притоа, брзината на пристапот кон нив честопати зависи од оптовареноста. Односно, “останатите“ субјекти на некој начин ги задушуваат и ја “опструираат“ брзината на пристапот. Сето тоа поради еднаквото користење на ресурсите, без никакви рестрикции во поглед на брзината на протокот на информациите. Со одлуката на FCC, брзината на пристапот ќе се расподелува според платежната моќ – оние сервиси што ќе платат за тоа, ќе добиваат приоритет во поглед на користењето на ресурсите/инфраструктурата, односно загарантирана поголема брзина. Тоа веруваме нема да биде проблем за Facebook, YouTube и за останатата елита, но секако ќе претставува проблем за помалите субјекти, кои доколку не платат за приоритет, ќе го делат преостанатиот проток на податоците со другите слични “неплаќачи”. Можеме да замислиме како тоа ќе се одрази врз “старт ап“ бизнисите, кои се зависни од интернетот – пристапот кон нивните веб-страници и услуги може да биде драстично ограничен, а со тоа, во старт се намалува интересот за нив.

Значи, фирмите што можат да си дозволат да платат за приоритет, ќе добијат поголема брзина на пристап кон нивната веб-страница, за разлика од помалите коишто тоа не можат да си го дозволат. И тоа, во рамките на еден ист провајдер. Како ова ќе се одрази кај нас?

Сè уште е рано да се предвиди. Прво, одлуката на FCC сè уште не е верифицирана од Конгресот на САД за да стане правосилна. Кога и дали ќе се случи тоа сè уште не е познато.

Исто така, нема објасненување како тоа ќе се спроведе во дело во САД, која и каква ќе биде улогата на интернет-провајдерите, како во САД, така и во останатите делови од светот, и што доколку не секој прифати да ја спроведува оваа одлука? Премногу непознаници, и тука ќе завршиме. Секако, ќе бидеме во тек со настаните и ќе ве известуваме.

Клучни зборови: