Рубрика: Аудио и видеотехника
Monitor Audio Silver AV
Автор: Владимир Филевски
Објавено на 17.12.2017 - 16:08

Филмофилите одамна се изборија за правото во своите домови да имаат можност за квалитетна звучна репродукција на нивните омилени филмови. Голем број познати (и непознати) фирми за хај-фај уреди нудат сараунд системи со коишто се обидуваат во домашни услови да создадат вистинско кино искуство, со посебен акцент на звучната репродукција. Британската фирма “Monitor Audio” е специјализирана за звучници и секој нивни нов производ предизвикува должно внимание. По подолго време посветено на развој на новите модели, тие ја воведоа новата серија на звучници Silver, како комплетен сет сараунд систем. Клиентите можат да избираат и да прават разни комбинации од богатата понуда од серијата Silver, но како златна (сребрена?!) средина се издвојува следниов систем: центар звучник Silver C150, преден лев и десен звучник Silver 200, ефект (заден) звучник Silver FX и сабвуферот W-12.
Monitor Audio Silver 200 веќе го опишавме во еден наш претходен текст, па така овде ќе се запознаеме со останатите компоненти. Центар-звучникот Silver C150 ги користи истите компоненти од моделот Silver 200, во истата 2,5-појасна конфигурација (еден високотонец, еден ниско/среднотонец и еден нискотонец), но сместени во помал кабинет, што може лесно да се смести под или над ЛЦД телевизорот. Како и кај Silver 200, мембраните на високотонецот и ниско/среднотонецот се изработени во C-CAM (керамичка алуминиум/магензиум) технологија што гарантира цврстина и непроменлива форма ослободена од непожелни резонанции во целиот звучен спектар.
Ефект-звучникот Silver FX има само еден, но малку поголем бас/среднотонец од 6 инчи (15 cm) и два високотонца монтирани на бочните страни од трапезната кутија што е наменета за монтирање директно на ѕид. Принципот на работа бипол/дипол може да се менува со вградениот прекинувач, во зависност од тоа дали конфигурацијата е за 5.1 систем (заден звучник) или 7.1 систем (страничен звучник).
Сабвуферот W-12 има голем нискотонец со дијаметар од 12 инчи (30 cm) и моќен засилувач Hypex од 500 W, управуван од DSP процесор.
На тестот во британското списание “What Hi-Fi” овој сараунд систем е оценет со максималната оценка од пет ѕвездички.
Квалитетот на звукот на серијата Bronze и Silver ги воздигна на пиедестал како најдобри во 2017 година, од страна на списанието “What HI-Fi”:
- за најдобар звучник од 200 до 400 фунти: Monitor Audio Bronze 2
- за најдобар звучник од 800 до 1200 фунти: Monitor Audio Silver 200
- за најдобар сараунд систем од 1000 до 2000 фунти: Monitor Audio Bronze Б5 AV
- за најдобар сараунд систем над 2000 фунти: Monitor Audio Silver 200 AV12“
Повеќе за овие награди тука и тука:
Овој сараунд систем, како и сите други производи на Monitor Audio можете да ги купите кај ексклузивниот македонски застапник Алфа Аудио, во стариот трговски центар Капиштец, локал 12. Контакт-телефон (02) 320 9 320, или посетете ја нивната веб-страница тука