Главниот одбор на Воздухопловниот сојуз на Македонија уште во 1965 година донесе одлука за ренесанса на македонското спортско воздухопловство со што целосно го промени начинот на дејствување. Се обединија најквалитетните расположливи кадри, воздухоплови и опрема и беа назначени управници на воздухопловните центри. Па така, во 1966 година започна со активности воздухопловната база за почетници едриличари, а паралелно со неа, и подготовката на нови стручни кадри и на врвни спортисти.
Во 1967 година, како резултат на подготовките беа избрани двајца пилоти-едриличари за учество на Државното првенство, јубилејно 15. по ред во Вршац – Србија (тогашен воздухопловен центар на сите спортски пилоти, а подоцна и воени пилоти од просторите на тогашна Југославија ). За пилоти натпреварувачи беа одредени две екипи, екипата од Битола во состав Кире Ангеловски – Татарот и, мојата маленкост, Перица Поповски како помошник, и екипата од Скопје во состав Перо Десков како пилот и Марко Марковски како помошник.
Информацијата дека сум одреден за помошник ми беше особено драга, но ја примив и со доза на загриженост поради степенот на обврските, бидејќи едвај имав навршено 17 години. Но, благодарение на подготовките со техничката служба и сознанијата од теоретскиот и практичниот дел од едриличарската обука, го прифатив предизвикот. Ни беше дадено до знаење дека натпреварувачите ќе настапат со едрилици од типот Ваја и, секако, подготовките беа насочени кон оспособување за одржување, расклопување и склопување на овој тип едрилици.
Перо Десков со едрилицата Ваја (лево) и во улога на наставник на задното седиште од едрилицата (десно)
Инаку, интересна е историјата за градбата на едрилицата Ваја. По конструкцијата на едрилицата Рајхер (DFS Reiher), конструкторот Ханс Јакобс увидел дека таа е мошне сложена за градба, особено за масовно производство. Затоа, Јакобс се одлучил да ја конструира едрилицата Ваја (Weihe), во 1937 – 1938 година. За разлика од Рајхер, едрилицата Ваја била конструирана како висококрилец со потполно рамни крила (се разбира, гледано во правец на летот) и со мал V изглед на крилата од 2,5°. Профилот за крилата е употребен од веќе испробаниот план на едрилицата Рајхер GÖ - 549 со вкупно витоперење од 7°.
Јакобс ја дизајнирал Ваја да биде единствена едрилица во поглед на градбата, одржувањето, расклопувањето, а со кабина дизајнирана во стилот на авионите ловци, секако, за поедноставно привикнување на пилотите едриличари за поглед на хоризонтот на моторните авиони. Со оваа едрилица се освоени многу првенства, и направени се многу рекорди во траење на лет и должина на прелет. Нејзината изведба не била надмината сè до крајот на педесеттите години. Дури и денес се смета за квалитетна класична едрилица од отворена класа. Па, како член на Фејсбук групата “Стари и обновени едрилици за лет”, постојано ја следам.
Едрилицата Ваја е изработена од дрвена конструкција, со покривка од памучна ткаенина на делови на крилото (во втората третина) и на контролните површини. Од нападниот раб до раменицата напред, има торзиона кутија, а потоа продолжува со ребра од авионски шпер. Притоа, раменицата е изработена од балтички бор, нападниот раб од бреза и покриена е со авио-шпер. Трупот претставува затворена кутија со елипсовиден облик, кој преминува во кружен, со ребра и обложен е со авио-шперплоча. Хоризонталниот и вертикалниот стабилизатор исто така беа изработени со ребра од авио-шперплоча, раменици од квалитетно дрво и обвиткани со платно.
Старт на Ваја со помош на автовитло
Поранешните верзии, и оние што ги имавме ние во Македонија, имаа скија на којашто слетуваа. За брзо полетување на едрилицата се монтираше количка, која по полетувањето се отфрлаше. Овој начин на градба со скија бара од пилотите големо искуство, особено при слетувањето, бидејќи и при најмалото косо слетување, се случуваа големи оштетувања на трупот. Токму затоа, кај подоцнежните верзии се монтираа тркала какви што се практикуваат и до ден-денес. Монтажата на крилата и целата едрилица е крајно едноставна, и токму поради тоа, овој систем беше копиран кај многумина конструктори во други, понови едрилици.
Прототипот на едрилицата Ваја бил произведен во Германскиот истражувачки институт за долги летови (Deutsche Forschungsanstalt fur Segelflug, или скратено DFS. По Втората светска војна, таа беше произведувана во фабриката Фоке–Вулф во Германија, а се произведуваше и во Франција, Шпанија, Шведска, но и во Југославија, во две фабрики – во Словенија и во Србија. Произведени се вкупно околу 400 едрилици. Од разговорите со пилотите на оваа едрилица, добив впечаток дека навистина била совршена за летање, безбедна и управлива, а и најомилена.
Лево: Инструмент за мерење и графички приказ на висината Десно: Оригинална Ваја, произведена и реставрирана во Германија
Со Ваја било освоено Светското првенство во едрилици во далечната 1948 година и повторно во 1950 година. Се користела за поставување на многу светски врвни резултати, национални рекорди. Така, Дик Џонсон со едрилицата Ваја го освоил првенството во САД во 1959 година.
Инаку, голем број македонски пилоти едриличари кои се школувале во воздухопловната школа во Вршац меѓу повеќето разни типови едрилици, од домашно и странско производство, на кои се стекнувале со нови знаења во едрење се школувале и со Ваја. Многу добри резултати во прелети се постигнати од македонски едриличари на Републичките натпревари кога тие се натпреварувале со едрилици од типот Ваја. За ова и директно можам да посведочам бидејќи бев дел од техничката екипа за поддршка со која секојдневно ги расклопувавме и ги склопувавме едрилиците поради недостаток од простор во хангарот.
Како резиме за нашиот настап на Државното првенство во Вршац со едрилицата Ваја, управувана од Перо Десков од Скопје и Кирил Ангеловски – Татарот, можам да заклучам дека максимално се залагавме во секој поглед да ја претставиме Република Македонија и македонското воздухопловство. Впечатоците беа неповторливи, се дружевме со легендите на југословенското едриличарство, но покажавме и дека имаме сили за понатамошни подобри резултати. Искуствата ги пренесовме на следните генерации.