Рубрика: Аудио и видеотехника
Chrysler MoPar 914HR – прво транзисторско радио за автомобил
Автор: Владимир Филевски
Објавено на 22.10.2017 - 12:45

На денешен ден, 21. октомври 1955 година, во сите Крајслер (Chrysler) салони за автомобили во САД беше промовирано првото транзисторско радио за автомобил, како дополнителна опрема за новиот автомобил Chrysler Imperial. Се разбира дека и претходно во луксузните американски автомобили се вградуваа радија со ламби, но транзисторите за прв пат овозможија да се направи радио со помала потрошувачка на струја и многу помали димензии. Веста дека Крајслер и Филко (Philco) го подготвуват првото целосно транзисторско радио за автомобил беше толку важна, што угледниот Wall Street Journal го објави тоа на првата страница на 28. април 1955 година!

Радиото беше конструирано и произведувано од Philco, најголемата американска компанија за производство на радија. Радиото MoPar 914 имаше вкупно 11 транзистори и 5 мемории за станиците на АМ среднобрановите подрачја. Во високофреквентната секција на радиото беа употребени 7 транзистори Philco Surface Barrier – првите високофреквентни транзистори во светот. Транзисторите Surface Barrier беа од видот на “легиран“ PN спој, но со подобрена и оригинална технологија на изработка. Моделот MoPar 914HR имаше уште еден дополнителен транзистор како предзасилувачка секција за оние кои за својот автомобил ќе го нарачаа и вградениот грамофон. Да, грамофон во автомобил!

Димензиите на радиото беа 13х3х8 инчи (330х76х203 mm). Радиото MoPar 914HR чинеше тогашни 150 долари (денешни 1340 долари!) и се нарачуваше само како дополнителна опрема за тогаш најлуксузниот автомобил Империал на Крајслер. Високата цена на радиото делумно беше и заради високата цена на транзисторите, кои беа изработувани поединечно, што е карактеристика на сите транзистори со „легиран“ PN спој. Дури неколку години подоцна се појавија „планарните“ транзистори кои се изработуваа масовно, неколку стотици наеднаш на една силициумска плочка. За видео од промоцијата на првото целосно транзисторско радио за автомобил погледниете тука