Рубрика: Омнибус
Кончар од Загреб и ФЕИТ потпишаа договор за соработка и донација
Автор: Н Н
Објавено на 25.09.2017 - 22:15

Во рамки на 10. советување на МАКО СИГРЕ, КОНЧАР – Инженеринг за енергетика и транспорт (КЕТ) од Загреб и Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) од Скопје потпишаа договор за соработка и донација на SCADA систем PROZA NET за “Центарот за трансфер на технологии и иновации“ (ИННОФЕИТ). Договорот го потпишаа претседателот на управата на КЕТ, Мишо Јурковиќ и деканот на ФЕИТ, проф. д-р Димитар Ташковски. Соработката, покрај другото, опфаќа реализација на научно-истражувачки и развојни проекти, размена на стручни знаења на меѓу стручните лица, опрема и лаборатории.

КЕТ, во оваа пригода, го врачи SCADA системот PROZA NET кој ќе се користи во новиот центар на ФЕИТ. Имено, со цел да зајакне соработката меѓу универзитетите и индустријата, ФЕИТ го започна ИННОФЕИТ, со цел своите студенти подобро да ги подготви за работа во индустријата. ИННОФЕИТ ќе биде средиште за интеракција меѓу професорите и студентите на ФЕИТ со партнерите од индустријата, кои ќе ја потикнуваат врската и преносот на технологиите, како и новите иновативни идеи, со што ќе помогнат во економскиот раст на индустријата и општеството во целина. Системот PROZA NET SCADA претставува повеќекориснички дистрибуиран програмски систем за надзор и управување со објектите и постројките во енергетските системи. Модуларната архитектура е во согласност со потребите за висок квалитет и висок степен на интеграција на системите. Основни предности се високата доверливост, флексибилност и скалабилност. Може да се користи за различни нивоа на надзор и управување од компјутер, во рамките на постројките, до големите централизирани системи во реално време. Со системот има можност да се управува со постројки на подрачјето на електроенергетиката, со индустријата на гас и нафта, транспорт и водостопанство. Системот PROZA NET SCADA е развиен во потполност како резултат на знаењето и искуството на КЕТ. Модуларноста и отвореноста на системот овозможува многу повеќе од класичните SCADA системи и со право можеме да го карактеризираме како интеграциска платформа која е основа на современите системи за далечински надзор и управување во подрачјето на енергетиката.

“Oвој проект е потврда на веќе традиционалната соработка на КОНЧАР со високообразовните институции. Се надеваме дека резултатите на заедничкото делување на овој план ќе доведат до унапредување на соработката на научните институции и субјектите од стопанството, но и поврзување со стручниот кадар во Македонија каде што КОНЧАР е традиционално присутен“, изјави Мишо Јурковиќ, претседател на Управата на КЕТ.

"Науката и иновациите се клучни за развој на економијата. ФЕИТ, како еден од лидерите на подрачјето на научната дејност во Македонија, сноси голема одговорност во тој дел. Затоа, Факултетот со помош на Универзитетот и партнерските фирми инвестира во ИННОФЕИТ, центар од кој научно-истражувачките резултати ќе треба да се пренесат на националното стопанство. КОНЧАР е втората реномирана меѓународна фирма којашто ја потпомага оваа идеја. Ја користам оваа можност да се заблагодарам на КОНЧАР за оваа донација и очекувам интензивирање на соработката во идннина“‘, истакна проф. д-р Димитар Ташковски, декан на ФЕИТ.