Автомобилскиот гигант, групацијата PSA конечно попушти пред притисокот на јавноста во врска со разликите меѓу реалната и декларираната потрошувачка на гориво, и изврши тестирање на своите модели во реални услови. Тестирањето е стандардизирано според европскиот проект RDE.
Според него, мерењето се врши со помош на портабл уредот (PEMS), кој е приклучен на автомобилот во текот на возењето. Клима-уредот е вклучен, а автомобилот е полн со патници и багаж (значи оптоварен). Рутата подразбира јавни патишта и се состои од возење по градски патишта во должина од 25 km, потоа 39 km возење надвор од градот и 31 km возење по автопат. Сето ова се изведува во реални услови на возење. Резултатите за автомобилите на Пежо и на Ситроен се прикажани подолу, на сликите со табеларен приказ.
Очигледно е дека реалната потрошувачка на гориво кај сите модели е поголема од фабрички декларираната којашто е изведена во лабораториски услови. Се разбира, разликата не е занемарлива и “повикува” на длабоки размислувања и анализи зошто е тоа така, а и кому му одговара оваа дискрепанца и за која цел. Реалната потрошувачка на гориво мора да се знае и е добредојден податок за компаниите како влезен податок при проценката и планирањето на трошоците за гориво на сопствената флота на автомобили. Добро би било и останатите производители на сериски автомобили да го следат овој пример на групацијата PSA и конечно да ја објават реалната потрошувачка на гориво за своите модели на автомобили.