M-Audio е познат производител на електронски музички инструменти, звучници, микрофони, опрема за DJ-и, музички софтвер и друга дигитална аудио-опрема и ужива популарност кај многу продуценти, аудио-инженери и музичари. Парот звучници M-Audio Studiophile AV 40 за кој овде станува збор се преносни активни мониторски звучници, наменети за професионални креатори на мултимедиски содржини.
Според информациите на производителот, AV 40 се изработени од материјали со ист квалитет како и нивната позната серија на професионални студиски звучници. Нискотонците се со дијаметар од 102 mm (4”), со мембрана со полипропиленски слој, а високотонците се конусни со дијаметар од 25,4 mm (1”), со ладење со ферофлуид. Вградениот засилувач работи во класа AB (TDA7265), имаат моќност од 20 W по канал, фреквенцискиот опсег е 85 Hz – 20 kHz, а освен RCA-влезови, имаат и балансирани TRS-влезови од 6,35mm (1/4”), небалансиран помошен влез на предната страна (AUX IN) од 3,18 mm (1/8") и излез за слушалки (3,18 mm (1/8")).
Kутиите се изработени од дрво, а употребена е и магнетска заштита за да се избегне несаканото влијание на магнетното поле кон и од околните уреди. Ги користам подолго време и накратко можам да кажам дека квалитетот на репродукцијата од нив е значително и неспоредливо повисок од типичните компјутерски мултимедијални звучници во пластично куќиште. Но, фокусот на овој краток прилог, всушност, е поправката во напојувачката секција на овие звучници што неодамна морав да ја направам, а проблемот најверојатно беше предизвикан од пренапон во електричната мрежа, како резултат на атмосферско електрично празнење.
Вообичаено, практикувам да не ги оставам електронските уреди вклучени на напон, ако не треба да се користат подолго време, а особено ако има невреме со електрични празнења. Но, во времето кога се појави проблемот, тоа не беше целосно исполнето. Дополнително, на настаните некогаш влијаат и неочекувани фактори во насока на зголемување на штетата, а овој случај не беше изземен од тоа. Затоа, сметам дека целиот случај е интересен да се проследи и за електроничарите почетници и за оние понапредните. Деталите за проблемот, како се одвиваше дијагностиката и целата поправка, можете да ги видите на следното видео:
Повеќе детали за M-Audio Studiophile AV 40 и за поновиот модел M-Audio AV42: http://www.m-audio.com/products/view/studiophile-av-40 http://www.m-audio.com/products/view/av42