Рубрика: Омнибус
ФЕИТ целосно подготвен да ги прими новите бруцоши
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 16.08.2017 - 17:39

Факултетот за електротехника и информациски технологии на скопскиот Универзитет “Св. Кирил и Методиј“ е подготвен да ги прифати сите 650 идни бруцоши во учебната 2017/2018 година.
“Новата учебна година ја почнуваме со нови иновирани студиски програми. Направивме модернизација на нашите програми во согласност со новите трендови во образованието на инженери по електротехника и информациски технологии. Се водевме од насоките на меѓународно тело за акредитација на високообразовни институции од нашата област, каде се наведени основните знаења и вештини што еден модерен инженер по електротехника и информациски технологии денес треба да ги поседува. Тоа значи широки основни познавања од сите области на електротехниката на која се надополнуваат знаење од конкретен интерес на студентот. Значи, предметите се надградуваат и на тој начин, студентите континуирано ги развиваат и усовршуваат своите компетенции. Со ова усогласување на нашите со европските и светските студиски програми сакаме значително да ја олесниме мобилноста на студентите. Сакаме да ги мотивираме, минимум по еден семестар да поминат на висока-образовна институција во Европа“, рече деканот на ФЕИТ, професор д-р Димитар Ташковски на денешната средба со новинарите.
Според него, посебно значајно за новите бруцоши е и воведувањето на професори – тутори кои треба да помогнат студентите полесно да се прилагодат на новата средина, полесно да го премостат преодот од средно училиште на ФЕИТ, а понатаму да им помогнат и во нивниот правец на усовршување.
“Минатата година, воведовме студенти демонстратори (студенти од постарите години) кои веќе помагаат на студентите од првите години во совладување на материјалот“, додава Ташковски.
Според Конкурсот, 440 студенти ќе студираат според државна квота, а 210 со кофинансирање. Примените студенти ќе бидат распределени во 7 различни студиски програми: Електроенергетика, автоматизација и обновливи извори на енергија (ЕАОИЕ), Електроенергетски системи (ЕЕС), Електроенергетика, управување и менаџмент (ЕЕУМ), Компјутерско системско инженерство, автоматика и роботика (КСИАР), Компјутерски технологии и инженерство (КТИ), Компјутерско хардверско инженерство и електроника (КХИЕ) и Телекомуникации и информациско инженерство (ТКИИ).

комерцијален напис