Рубрика: Екологија
Учениците од 25 основни училишта собраа еден тон отпадни батерии
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 12.06.2017 - 15:30

При крајот на училишната година, учениците од 25 основни училишта од 11 општини во Република Македонија, собраа приближно еден тон отпадни батерии, со што демонстрираа високо ниво на еколошка свест уште на рана возраст. Големата екоакција за собирање отпадни батерии, во организација на компанијата Елколект ДОО, започна оваа пролет и ќе трае заклучно со месец ноември, кога и официјално ќе биде објавено кое одделение во секое од 25те основни училишта, собрало најмногу отпадни батерии.

Општините што се опфатени со оваа екоакција се: Битола, Куманово, Охрид, Гази Баба, Струмица, Босилово, Крива Паланка, Ранковце, Василево, Дебарца и Ново Село.

Во соработка со училиштата, компанијата Елколект подготви едукативно-информативен материјал и наменски екокутии коишто беа поставени на видливи места во училишните згради. Во екокутиите, учениците ги собираат отпадните батерии од нивните домаќинства и на тој начин директно спречуваат тие да завршат на комуналните депонии, а со тоа и да ја загадат животната средина со опасни супстанции како цинк, литиум, олово, кадмиум и жива, коишто се содржат во батериите. Досега собраните количини отпадни батерии се одличен показател дека учениците активно го применуваат стекнатото знаење за важноста на примарната селекција на отпадот и важноста на заштитата на животната средина.

Компанијата Елколект како лиценциран колективен постапувач со отпадна електрична и електронска опрема и отпадни батерии и акумулатори, континуирано презема конкретни чекори за подигнување на јавната свест кај децата за неопходноста од примарна селекција на отпадните батерии и нивно немешање со останатите видови отпад.

Целта на Елколект при спроведувањето на оваа голема екоакција е да го поттикне создавањето на добри навики кај децата уште во раната возраст и да го намали количеството на отпадни батерии што ќе завршат на депониите. Воедно, Елколект ДОО им го честита крајот на учебната година на сите ученици, им се заблагодарува за нивниот придонес кон обезбедувањето на почиста животна средина и на сите им посакува весело лето.

Клучни зборови: