Безбедноста во сообраќајот нема цена. Знаејќи ја оваа девиза шведската фирма Ховдинг (Hovding) лансира на пазарот ербег за велосипедисти. По долгогодишни испитувања е утврдено дека 8 пати повеќе потреси на мозокот се случуваат при употреба на класичната заштита со велосипедската кацига во однос на новата ербег заштита. Оваа многу иновативна заштита можете да ја видите на приложените фотографии. Идејата е едноставна, а се состои во тоа што во случај на опасност, за околу една десеттинка од секундата, главата на велосипедистот бидува обвиткана со специјална облога (воздушно перниче) наполнета со хелиум и која е отпорна на кинење при триење со асфалтот. Видното поле на велосипедистот е овозможено и по активирањето на оваа заштита. Ја штити целата глава од повреди при пад од велосипед.
Ербегот во неактивирана состојба е во вид на околувратник. Има сензори, патент затворач, лед диоди за визуелна информација, спакувана оклопна капа, прекинувач, батерии за погон на системот итн. Со долгогодишно анализирање на велосипедските несреќи и реални симулации и проби со професионални каскадери, направена е шема (програм) со која се дефинирани сите нормални однесувања на велосипедистот при неговото управување со велосипедот. Значи, точно се знае кога ситуацијата е опасна за велосипедистот и кога би паднал од велосипедот. Во тие ситуации ербегот се активира и успешно ја заштитува главата. Ербег капата е изработена од специјална ткаенина од најлонски влакна отпорна на стружење со асфалтот и дупење. Притисокот на гасот во неа останува неколку секунди, а потоа полека капата издишува при што може лесно и безбедно да се отстрани од главата.
Батеријата лесно се полни од класичен компјутерски USB приклучок или со полнач за мобилен телефон. Трае 9 часа возење со велосипедот. Компјутерот во оваа заштитна капа ги меморира релевантните податоци за несреќата во период од последните 10 секунди пред таа да се случи. Затоа, производителот замолува отворените ербег капи да се вратат во фабриката, со цел да се реконструира и анализира велосипедската несреќа. Потоа со тие нови податоци би се подобрил постоечкиот софтвер во новите ербег капи.
Ова е секако значаен прилог во безбедноста на велосипедистите за кој повеќе може да се прочита и погледа видео на следнава веб-страница http://www.hovding.com/how_hovding_works .