Рубрика: Аеронаутика
50 години од едриличарската база Битола 1966-2016
Автор: Перица Поповски
Објавено на 17.10.2016 - 21:05

Како сон изминаа 50 години од едриличарската база во Битола во 1966 година составена од членови на едриличарските училишта од АК Скопје, Куманово и Битола. Како член на Аеро клубот во Битола бев учесник и до ден денес тие моменти ми останаа длабоко врежани во паметењето. Многу подоцна, читајќи за ов значаен настан во којшто учествував и анализирајќи ги состојбите, дознав дека едриличарската база се органзира поради недостиг на пилоти и технички кадар. Многу пилоти од формирањето на Воздухопловниот сојуз на Македонија (ВСМ) кои беа обучувани во воздухопловните центри Рума, Вршац, како и во аероклубовите ширум Република Македонија, се вработија во веќе формираните воздухопловни организации, а некои отидоа и во тогашната ЈНА, како и на факултетите ширум поранешна Југославија. Воздухопловните средства беа поделени по аероклубовите и несразмерно се користеа. Токму тоа го наведе ВСМ да се реши за формирање на воздухопловна едриличарска база со концентрација на сите воздухопловни едрилици во Битола, а активностите да продолжат по воздухопловните училишта од каде и пристигнаа.

Обуката стартуваше веднаш по претходно објавените конкурси за пилоти на едрилици, уште во февруари 1966 година, синхронизирано во трите клуба предводени од наставниците Ѓорѓи Тосков – Жоро во Скопје, Бранко Саздовски – Кипе во Куманово и Владо Трајковиќ во Битола. Теоретскиот дел беше доста обимен опфаќајки предмети од областите историја на воздухопловство конкретно едриличарство, основи на аеродинамиката, конструкции и градба на едрилици, краток осврт за радио телефонија, метереологија и принудни постапки – скокање со падобран, која беше раководена од стручни лица по падобранство. Обуката беше распоредена на три дела: теоретски дел, основен практичен дел - запознавање со едриицата и практичен дел за основна почетничка во летање којшто подоцна напредна во едрење и врвни вештини (прелети и акробации) како посебен дел на обуката. Секако, беше посветувано големо внимание на теоретскиот дел, а го паметам обраќањето на тогашниот секретар на АК Битола, Душко Крстевски: “Во воздухопловството нема оценување од 1 до 5 туку само 4 и 5. Што значи тестот ќе го поминат само оние кои се добро теоретски и здравствено подготвени, друга алтернативе нема.”
Теоретскиот дел се одвиваше во рамките на аероклубовите, а практичниот за време на викенди на аеродром. Аеродромскот дел опфаќаше подготовка за полетување, која се состоеше од поставување на падобран, влегување во едрилица, запознавање со сите составни делови за управување и инструменти за наблудување текот на летот, но и запознавање со помошната машина за влечење на едрилицата (аутовитло) како и и принудни постапки.
Дојде и тој ден на селекција по оспосебеност и здравствен критериум, па така останавме по 10 ученици или вкупно 30 од сите воздухопловни училишта кои беа распоредени во две групи во јуни и август. Септември беше резервиран за преобука во влечење со авион (аерозапрега) и секако, на крај, доделување на диплома за завршен курс на пилот-едриличар.
Би рекол ја имав таа среќа да бидам во првата група на посетители на едриличарската обука која започна после завршување на школската година . Радоста беше голема, си зедовме основен прибор за хигиена и бевме сместени во спална во склоп на хангарот, а мензата беше во сè уште неизградената кујна-ресторан. Набргу пристигнаа едриличари почетници од Скопје и Куманово со што се создаде една прекрасна атмосфера и другарување. За управник на воздухопловното училиште беше назначен Закич, за кординатор и испитувач за теоретски и практичен дел Иван Тасевски, а техничкиот кадар од Битола и Скопје броеше вкупно 3 члена.
Во склоп на базата се одржуваа и подготовки за приправници наставници кои ги посетуваа Петар Десков од Скопје, Трајче Стефановски од Куманово и Кирил Ангеловски од Битола. Комплетната настава, односно практичниот дел се одвиваше на стариот аеродром крај селото Горно Оризари. Сите теоретски и практични знаења се повторуваа и, секако, следеше испит.
Еден убав ден, но со ниска облачност, се одлучија наставниците да дадат по еден информативен лет. Возбудувањето беше неверојатно. Првпат во воздух како пилот едриличар. Покрај сериозниот пристап имаше и понекоја анегдота како, на пример, описот на наставникот како еден кандидат го отворил прозорецот при краток влез во облак за да гледа подобро. Малку шеги, повеќе и трема, но првиот ден остана во длабоко сеќавање.
Веќе наредниот ден нè поделија во 3 групи, па така секој наставник си ја зеде својата група и обуката течеше во најдобар ред. Во одредени периоди наставниците се менуваа по групи, со цел да дадат свое мислење по однос на обуката. Следеа вонредни постапки, во стилот намерно откачување, еден вид симулација на кинење на јаже. По некаде околу 50 до 60 старта, започнаа и првите самостојни стартови. Секако, едрилиците се подготвија и со радио станици, со цел наставниците да имаат контрола, но и да припомогнат во случај на потреба. Наставниците приоѓаа внимателно и педагошки, па еден по еден се лансираа учениците за правење самостојни стартови. Така и јас дојдов на ред, па со полно внимание во почеток и мала трема влегов во едрилицата Летов 22. Се изврши последната проверка и полетав. Согласно подготовките, прво ја доведов во хоризонтала едрилицата, ја повлеков командната палка кон себе за да го постигнам потребниот агол, го почуствував забрзувањето и, по остварување на потребната висина, моторот кој нè влечеше ги намали вртежите, па порамнив и се откачив. Одеднаш се почуствував слободен во просторот, го немаше она чуство дека наставникот држи команди, прекинаа и неговите забелешки. Бев оставен сам на себе, со повремени сугестии по радиостаницата од наставникот од земја. Само си помислив “Прави го она што те учеа”. Направив засврт за 90 степени, втор засврт за 90 степени, продолжив право кон трет засврт. Во тој момент почуствував треперење на коленото, но се фатив за колено и си реков “Нема време за трема, размислувај за успешен лет”. Набрзо дојде и до третиот засврт, а веќе четвртиот беше внимателно подготвен со цел да дојдам до пистата. Слетав безбедно, но како и што се случуваше на земја, по малку одевме лево-десно а сепак сигурно. Потоа уследи уште еден старт и на излегување пилотско крштевање – клоца во задникот од наставниците и од сите кои претходно самостојно полетале.
Обуката продолжи со несмалено темпо но со одредени осцилации, како што и бива во образовниот процес, но воглавно сите ја завршивме со упех. Потоа уследи испитниот лет пред Тасевски Иван, со задача прецизно и пред сè безбедно слетување. Уследи свечено доделување на дипломи, заеднички ручек и некаде кон почетокот на јули беше крај на нашата основна обука.
Некаде во август заврши основната обука и на втората група, а во септември во Битола за битолските кандидати се одржа настава и обука во влечење со авион. За наставник беше повикан Ѓорѓи Тосков од АК Скопје со кој се чуствувавме навистина опуштено и релаксирано, но научивме и одлично да полетувавме во авионска запрега. Тоа беше крај на основната обука, а наредната година следеше обука во едрење.
Придобивките од овај начин на обука беа огромни. Со оглед на тоа што таа беше финансирана од тогашната ЈНА, дел од кандидатите кои ги поминаа строгите лекарски прегледи во Војномедицинскиот центар во Белград беа обучувани во моторно летање, а голем дел продолжија професионално да се бават со воздухопловство, особено по отслужување на воениот рок во воздухопловната бригада на ЈНА. Голем дел станаа воени пилоти на хеликоптери, но и на патнички авиони. Но, другарувањата и средбите останаа до ден денес со многумина не само од таа база, туку воопшто со едриличари, пилоти, падобранци и моделари ширум РМ. Целта беше исполнета, се покажа дека и Република Македонија има услови за основна обука по сите воздухопловни гранки. Битола прерасна во голем воздухопловен центар, а подоцна на овој аеродром доаѓаа пилоти односно кандидати за пилоти и од средното воено училиште за пилоти Маршал Тито во Мостар. Голем број кандидати од Битола и другите градови добија звања наставници и професионални пилоти. Воедно Битола стана едриличарски центар за одржување на натпревари во едриличарство благодарејќи на можностите што ги пружаше Пелагонијската рамнина.
Се леташе основна обука на двоседи едрилици Летов-22, Ждрал, тренажни Јастреб и високоспособни: Илинденка, Ваја. Секако, подоцна дојдоа многу посовремени едрилици, но за тоа во следна прилика. Потоа се отворија уште два воздухопловни центри во Прилеп и Штип што придонесоа за максимум во развојот на воздухопловството во Република Македонија.
Веќе наредната 1967 година двајца пилоти, за првпат во поновата историја, со успех настапија на Државното првенство во Вршац. Пилотите беа Кире Ангеловски со помошник Перица Поповски од Битола и Перо Десков со помошник Марко Марковски. И двајцата се натпреваруваа со едрилици од Типот Ваја (Vaihe).
За овој 50 годишен јубилеј, за жал, дел од кандидатите се во странство, а некои се и починати. Тие што сме во Републикава, веќе се заборавивме, а како што дознавам тие прекрасни документи и летачки дневници се или уништени или се зафрлени. Иако правев напор да се собереме со останатите тогашни кандидати и заеднички да го одбележиме овој јубилеј, сепак не успеав. Но, барем со овој напис ќе го одбележам.
Ред е да споменам и некои кои ги познавам од Скопје: Каевски Кирил (професионален пилот во пензија), Тримпаревски Божин (пилот на хеликоптери) починат, Теов Димче и НН.; Куманово: Бабакар (професионален пилот) починат, Аце и други двајца; Битола: Јован Белчевски (професионален пилот во ЈНА и СМВР на ек Ју) , Миле Богдановски, Перица Поповски и Јован Милевски. Се надевам дека штом го прочитаат овој текст ќе се јават и останатите кандидати да ја надополниме листата.

Клучни зборови: