По традиција секоја година во месец септември во Битола се одржува КУП - БИТОЛА на РЦ моделари. Септември е најпогоден термин бидејќи дава можност за една порелаксиран и опуштен натпревар на РЦ моделарите во категоријата Ф5Ј (радио управувани едрилици со погон на електромотор) и приказ на летање односно собир на моделари со РЦ модели.
Во ораганизација на Воздухопловната федерација на Македонија и Аеро Клубот “Мирко Тодоровски” Битола се одржа Второто првенство во категоријата Ф3Ј (радио управувани едрилици со погон на електромотор) и приказ на летање на РЦ модели од повеќе категории.
Во закажаниот термин се појавија моделари од АК Прилеп, АК Кавадарци, АК Неготино и градот домакин Битола со вкупно 5 натпреварувачи.
Правејќи резиме како главен судија во целост ја извршив поставената задача – немаше никаков приговор, а при објавата на резултатите со голем аплауз беше проследено доделувањето на диплома за освоените места. За да се изврши во целост поставената задача помогнаа петте помошни мерачи на време и прекрасната организација.
Натпреварот во категоријата Ф5Ј се одржа во три турнуси, односно званични летови. Првото место го освои Горан Стевковски од Кавадарци, пред Сашо Милошевиќ од Неготино, а третопласиран беше Гоце Јосифовски од Кавадарци.
Радува фактот што во категоријата Ф5Ј се постигнаа извонредни резултати, а особено радува што моделарите располагаа со врвни модели изработени од јаглеродни влакна и кевлар и со радиоуреди од врвен квалитет што гарантираат одлични резултати на меѓународни натпревари.
Вториот дел од натпреварот имаше ревијален карактер при што моделарите прикажаа модели од разни категории РЦ модели : електромоторни модели, макети електромоторни модели, електромоторни модели од стиропор и стиродур. Јас лично го прикажав моделот 2-метарска едрилица изработена пред повеќе години која всушност претставува единствена конструкција на таков тип на РЦ модел објавена во списанието на Емитер со нацрт и димензии. Исто така, атрактивно беше за гледачите што стартот го извршував со помош на растеглива гума со која добивав од 80 -100 метра височина и долготрајни летови.
На крај, можам да резимирам дека организаторот АК ”Мирко Тодоровски“, односно неговите членови, дадоа сè од себе овој натпревар и средба да биде забележена како извонредно успешна, што го потврди и господинот Зоран Атанасовски, претставник на Воздухопловната Федерација на Македонија, претседател на моделарската комисија, кој воедно ги додели и признанијата на победниците.
Потребни се повеќе вакви натпревари и средби за популаризација на воздухопловното моделарство и во иднина се надевам дека ќе биде помасовно посетено од моделари и од другите воздухопловни организации.