Рубрика: Автомобилска техника
Младите во Eвропа и ризичното возење
Автор: Томе Скендеровски
Објавено на 12.08.2016 - 22:42

Исклучително племенита и корисна едукативна акција превзеде фирмата за производство на автомобили Форд која го третира европскиот пазар. Спровеле истражување за причината за сообраќајните несреќи предизвикани од младите возачи и дошле до фрапантни резултати со негативна конотација. Иако младата популација (од 18 до 24 години) во Европа учествува со 8% од вкупното население, 15% загинуваат а овој процент во летните месеци се искачува на 21% од вкупниот број на починати лица во фаталните сообраќајни несреќи.
Форд спроведе истражување кое опфатило 6500 млади лица кои се возачи во Европа. Резултатите од ова истражување се поразителни. 57% од сообраќајните несреќи се случуваат заради несоодветна (неприлагодена) брзина на возилото, 43% од возачите пишувале пораки додека возеле, 36% од возачите се јавувале на телефон или разменувале кратки пораки, 16% не биле врзани со сигурносен појас, 13% пиеле и возеле и 11% гледале видео или ТВ додека возеле. Исто така, еден од четири возачи правеле самослик (селфи) додека возеле. И кога сме кај процентите од ова истражување, треба да се напомене дека 68% од младите се порелаксирани (поневнимателни) при нивното возење во летните месеци и на речиси 54% вниманието им го привлекуваат атрактивни пешаци. 45% признаваат дека би возеле со преполн автомобил со пријатели, 25% би прифатиле да ги вози пијан возач и 24% би возеле по конзумација на дрога. Вкупно 41% веруваат дека понекогаш има добра причина да превземат ризик додека управуваат со своето возило а 26% имале сообраќајна несреќа. 20% биле сопрени од полицијата.
Овие поразителни резултати се доволна причина компанијата Форд да организира бесплатни тренинзи насловени како “Форд возачки вештини за живот” (Ford Driving Skills for Life или DSFL). Така во Европа до крајот на 2016 година ќе бидат опфатени повеќе од 20 000 возачи низ 13 држави – Белгија, Данска, Финска, Франција, Германија, Италија, Холандија, Полска, Романија, Русија, Шпанија, Турција и Обединетото кралство. Непроценлива е користа од овие тренинзи кои треба да ја подигнат одговорноста на младиот човек додека е зад воланот.
Безбедноста во сообраќајот нема цена. Човековиот живот исто така. Безбедно да се стигне со автомобил до своето одредиште е императив. Никогаш, ама баш никогаш не смее да ризикуваме небезбедно управување со моторното возило во ниеден момент. А правилата и препораките за тоа се лесни и едноставни и на секое здраворазумско расудување му се познати. Тоа се: почитувај ги секогаш сообраќајните правила и прописи, не вози под дејство на алкохол, дрога или седативи, никогаш не вози уморен, ненаспан и нервозен. Секогаш вози дефанзивно. Избегнувај возење во текот на најтоплиот дел од денот. Секогаш поимај го својот автомобил како помагало за да ти го олесни транспортот а не како средство за докажување, супериорност, лечење на комплекси како и атакување и докажување на супериорноста над другите учесници во сообраќајот.
За повеќе видете во посочените извори.

Клучни зборови: