Одлични вести за македонските љубители на автомобилскиот дизајн. Младиот дизајнер на екстериер во германскиот автомобилски гигант Мерцедес Бенц Славче Таневски на својот фејзбук профил објави дека почнува со сериско производство купето што тој го дизајнираше. Со нетрпение го чека својот примерок во септември и наведува дека претпродажбата е веќе започната а официјално ќе може да се купи од октомври оваа година. Ова е огромен успех на нашиот дизајнер.
На Mercedes GLC Coupe работел четири години, т.е. толку време е поминато од првите скици и прифаќање на дизајнот од одговорните во фирмата па сè до денес кога и официјално моделот е влезен во сериско производство. Се работи за SUV спортско купе со четири врати кое е еднакво елегантно и привлечно и како класично спортско возило и како класично теренско возило – две во едно. Почетната цена е позиционирана на 50 000 Евра (во Германија) а за пазарните бројки и позицијата на пазарот сè уште е многу рано да се говори. Ова е негов прв целосно сопствен дизајн иако десега има работено на дизајнот на сите понови модели на Мерцедес Бенз.
Славче Таневски има завршено Индустриски дизајн на Машинскиот факултет во Скопје и потоа Висока школа за дизајн на автомобили во Минхен (една од единствените пет во светот). Оваа висока школа тесно соработува со фирмата Мерцедес Бенц што му овозможува на Славче практична работа на разни проекти од оваа фирма кои се во склопот на студиските програми. Овие школски проекти (активности) привлекле големо внимание кај стручните лица на Мерцедес што овозможило да добие понуда како професионален дизајнер на екстериер на возилата на Мерцедес Бенц. Во 15-члениот дизајнерски тим за екстериер тој е нивниот најмлад член (уште околу петнаесеттина дизајнери работаат на ентериерот на сите возила на Мерцедес Бенз).
Честитки за нашиот Славче. На радост на сите нас, се оствари неговиот детски сон да има сопствена дизајнерска креација на престижен автомобил од елитна фирма. Му посакуваме многу успеси во иднина и целосно да си ги оствари своите замисли, идеји и амбиции.