Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“ денес, 7.4.2016 година, ја отвори новата Лабораторија за програмабилни логички управувачи и SCADA системи (системи за супервизорско управување и прибирање податоци).
“Лабораторијата се состои од десет лабораториски маси со по две работни места. На секоја работна маса има по три вида на Програмабилни логички управувачи кои претставуваат индустриски компјутери за управување на производни процеси. Покрај тоа секој стол е опремен со десктоп компјутер на кој е инсталиран целокупниот софтвер за програмирање на програмабилните логички управувачи, како и SCADA софтвер кој служи за набљудување, управување и аквизиција на податоци на сложени процеси. Целокупниот софтвер за лабораторијата е лиценциран. Секоја работна маса е опремена со реален индустриски процес кој се поврзува со индустриските компјутери. Со тоа се овозможени експерименти и вежби кои се реалноиндустриски.“, изјави професор др. Миле Станковски, декан на Факултет за електротехника и информатички технологии.
Лабораторијата е наменета за вежби на студентите кои ги изучуваат современите методи и алгоритми на управување и автоматизација со индустриските и инфраструктурните системи. Покрај тоа, таа ќе служи и за научно-истражувачка работа за кадарот од ФЕИТ, но и за истражувања во рамките на магистерските и докторските студии. Во новоотворената лабораторија ќе може да се вршат обуки и курсеви на инженери од стопанството.
Опремата за лабораторијата е набавена со средства на ФЕИТ како и донација од неколку домашни и странски компании во прв ред АЦЕЛОРМИТАЛ, АТРОНИКА И СИСКОН од Скопје и компанијата ИНЕА од Љубљана која е застапник на светскиот производител на опрема за автоматизација МИЦУБИШИ.
“Компанијата ИНЕА РБТ преку оваа донација сакаше да се приближи до новите генерации на инженери кои практично ќе работат на производите од брендот Мицубиши, да овозможи да бидат во тек со светските трендови во техниката. Дополнително, со вежбите во оваа новоотворена лабораторија, студентите ќе се здобијат со знаења за користење на PLC опремата на Мицубиши, ќе бидат во тек со светските трендови во техниката и ќе можат понатаму практично да го искористат заењето. PLC опремата за автоматизација на машини е број еден во светот, изработена со врвен квалитет и е едноставна за употреба“, изјави Цветко Пепелник, менаџер во ИНЕА РБТ.
“АрцелорМиттал е компанија која пред се го истакнува својот општествено-одговорен однос кон средината во која работи. Како компанија ние ја користиме секоја можност да допринесеме за младите да креираат успешен професионален профил. Летните школи, вработувањата, донациите на компјутери, книги се само дел од активностите кои ние ги спроведуваме за оваа цел. Нашата иднина е во младината, и затоа нашата помош и помошта од другите компании е од големо значење“ изјави претставник од компанијата.
Дизајнирањето на лабораторијата е направено од членовите на Институтот за Автоматика и системско инженерство при ФЕИТ, додека, целокупната изведба е направена од студентите на четврта година од насоката Компјутерско системско инженерство автоматика и роботика. Со ова се зголемува нивото на знаењата на овие студенти кои се спремни да се вклучат во кој било процес на производство во македонските компании.