Ако на 31-ви март околу 19 часот се најдете во близина на МКЦ, секако влезете. За тогаш е најавено гостување на Ард Луи, професор по теоретска физика на Универзитетот Оксфорд, каде ја води интердисциплинарната истражувачка група којашто ги проучува прашања што се преклопуваат меѓу хемијата, физиката и биологијата.
Ард Луи во кино-салата Фросина ќе одржи предавање од општ карактер насловено со “Дали науката може да објасни сè?” .
Во него тој ќе ги изложи своите долгогодишни научни истражувања, истовремено ставајќи ги во контекстот на “големите животни прашања“ како што е, на пример, потеклото на животот. Во предавањето ќе бидат претставени и главните идеи на документарниот филм снимен во независна продукција заедно со светски познатиот ТВ водител на научни програми и режисер на документарни филмови Дејвид Малон (David Malone). Насловот на документарниот филм во три дела е “Зошто сме тука?“ (Why are we Here?). Филмот ги обработува следните три подрачја: “Потрага по вистината,“ “Моралниот компас“ и “Чудата на убавината“. На овие теми во филмот зборуваат водечки светски научници и мислители како што се Професор Сајмон Конвеј Морис (Simon Conway Morris) од Универзитетот Кембриџ, Мартин Новак (Martin Novak) од Универзитетот Харвард и светскиот авторитет за примати, Џејн Гудал (Jane Goodal).
Ова јавно предавање следува по предавањето коешто истиот ден во 12 часот ќе биде одржано во МАНУ, а е насловено како “Може ли да симетријата да се развие спонтано од алгоритмиската природа на еволуцијата?”.