Рубрика: Роботика
Стартува пријавувањето за RoboMac 2016
Автор: Слободан Таневски
Објавено на 04.02.2016 - 18:50

Студентскиот огранок на македонска секција на ИЕЕЕ (Институт на инженери по електротехника и електроника - The Institute for Еlectrical and Еlectronics Еnginеers) и Студентскиот Парламент при Факултетот за електротехника и информaциски технологии (СПФЕИТ) ги повикуваат сите студенти и средношколци од 4-та година да се пријават за учество на овогодинешниот RoboMac 2016 година.
Аплицирањето за RoboMac 2016 година е на следниот линк robomac.com.mk и сите кои сакаат да учествуваат, може да се пријават од 1. до 10. февруари 2016 година.

RoboMac 2016 ќе се одржи од 7. до 13. март оваа година во просториите на ФЕИТ. Главни покровитeли се Факултетот за електротехника и информациски технологии и Македонската секција на IEEE. Финалниот натпревар ќе се случи на 12. март во 18 часот во Домот на АРМ.
Организатори на RoboMac 2016 се Студентскиот огранок на македонската секција на IEEE и Студентскиот парламент при ФЕИТ. Средношколците и бруцошите може да учествуваат само во базичните категории, а другите студенти, во зависност од сопствените познавања, избираат дали ќе учествуваат во basic (основните) или advance (напредните) категории.

Учесниците ќе се натпреваруваат во веќе познатите категории Сумо, Трка, Хуманоид и Вештачка интелигенција, а од годинава се воведуваат и две нови категории: Генерирање траекторија на топка – робот (Sphero) и Симулација на квадкоптер.
На настанот се предвидени 80 учесници, од кои 30-тина се од други универзитети од Балканот. Исто така, учесниците ќе слушаат предавања за роботика и вештачка интелигенција од експерти и предавачи од Македонија и од странство.

Клучни зборови: