За мнозинството луѓе слушањето музика од касета веќе одамна не е опција, многу издавачки музички компании целосно ја прекинаа продукцијата на музички касети, а ретко кој од најновите генерации воопшто знае за или имал прилика да слушне некаква аудио-содржина репродуцирана од касета. Сепак, последниве години касетата повторно заживува кај некои независни музички издавачи (т.н. "indie" labels), а како причини се наведуваат пониската цена и отежнатото делење и пиратерија преку Интернет на вака објавената музика. Некои аудио-книги и понатаму се продаваат и на касети, а некои дури и сметаат дека на пр. враќањето (REW) за повторно пуштање на пропуштените делови од содржината кај касетата е многу позгодно отколку кај другите формати. Секако, не е мал бројот и на оние кои само поради носталгија целата своја аудио-опрема и понатаму ја одржуваат функционална и повремено си ги пуштаат аудио-касетите од младоста, за да се потсетат на уникатниот редослед на снимените песни, кои често мораа да бидат ловени и снимени од радио (со повремени упади од џинглови или коментари на радио-водителите).
Во секој случај, за верна и квалитетна репродукција на снимените содржини од касета, потребно е да се поседува и исправен касетен дек. Дури и да сте од оние кои не сакаат веќе да слушаат музика на ваков (застарен) начин, сепак касетниот дек може да ви биде од корист во ситуации кога сакате да пренесете некоја музика или други уникатни снимени содржини од касета на компјутер, а потоа на CD.
Пред извесно време, кога се обидов да пренесам одредени снимки од касета на компјутер, декот кој го користам за оваа намена не беше веќе во функција. А кога нешто не функционира, основниот инстинкт кај секој електроничар е да посегне кон шрафцигерот и да го реши проблемот. Така и за мене ова беше повод веднаш да се зафатам за поправка. Според сите симптоми, сомнежот падна на главниот ремен, а подоцна, по првото отворање на декот за дијагностика, тоа и ми се потврди. За среќа, на eBay денес постојат многу продавачи кои продаваат ремени, грамофонски игли и други резервни делови за Hi-Fi опрема, па набрзо по изборот на поволен понудувач и порачката, ремените за мојот дек веќе беа на пат. Нема да ви раскажувам понатаму за деталите од поправката, бидејќи речиси целата операција ја снимив и еве несебично ја споделувам со вас. Видеото може да се види тука