Рубрика: Информатика
Intel Developer Forum 2015: Ден 0.
Автор: Марјан Ташевски
Објавено на 18.08.2015 - 12:48

Intel Developer Forum (IDF), е конференција за луѓето кои се занимаваат со современите технологии, но и за обичните вљубеници во електронските машини, сметачи, роботи... Првиот IDF е одржан во 1997, а од тогаш до денес имало преку 150 настани во светот. На конференцијата се дискутира производите на Интел, како и за производи засновани на решенија од Интел, а често се одржуваат семинари и работилници поврзани со иднината на оваа интересна гранка од науката. Оваа година, Емитер ќе присуствува и ќе известува од IDF 2015, кој се оддржува во Сан Франциско, од 18. до 20. август.
Кога сме кај Сан Франциско, не можеме да замислиме подобро место за претставување на последните технолошки трендови. Со својата неверојатна startup сцена, овој град, заедно со Њујорк, дефинитивно e местото во кое сакате да бидете ако се занимавате со каква било технолошка дејност. Како за пример, во Сан Франциско се родени Twitter и Instagram, а само малку подалеку, во државата Калифорнија, свои седишта имаат речиси сите најголеми играчи во индустријата: Apple, Facebook, Google...
Овогодишниот IDF нуди навистина многу, и да се види и почувствува сè е практично невозможно. Затоа, ќе се обидеме да се осврнеме на технологиите кои сметаме дека би биле во најголем интерес на нашите читатели.
Се очекува најновото претставување на Skylake, наследникот на Broadwell процесорската микроархитектура, и секако, прва светска промоција на Intel Skylake-S. Според Intel, ова е најважниот процесор во последната декада, додека за нас, обичните гејмери, секако ќе биде најзабавниот. За прв пат, Intel развива платформа која е наменета. пред сè, за вљубениците во PC гејмингот.
Во одделот Big Data Analytics, Intel ќе претстави хардверски и софтверски решенија кои ќе им помогнат на компаниите да се справат со анализа на обемни податоци. Свои презентации ќе имаат најголемите светски компании кои ќе ги претстават своите софтверски решенија што се засновани на производите на Intel.
Internet of Things (IoT) ќе ги претстави последните IoT технологии и решенија за екосистеми кои ги поврзуваат уредите со “облакот”. Свои претставувања ќе имаат производителите на хардвер, софтвер како и клучните партнери на Intel. Ќе бидат изложени најновите произведени геџети, но и голем број прототипи кои ќе ни овозможат барем малку да погледнеме во иднината на оваа, според нас, интересна и многу корисна технологија што ќе ни го олесни нашето брзо и модерно живеење.
Очекуваме претставување на најновото од wearable технологијата (што може да се облекува), 3D vision (Intel RealSense), наредните генерации на интелигентни работи, како и уреди кои се невидливи за обичните корисници, но кои ќе им помогнат во извршувањето на секојдневните обврски.
Ние од екипата на Емитер, како големи вљубеници во велосипедите, со големо нетрпение го очекуваме специјалниот настан на кој ќе видиме возење BMX велосипеди со анализа на податоци во реално време.
Очекувајте секојдневно известување од IDF Сан Франциско, град кој иако се наоѓа во САД, има прекрасен европски изглед и атмосфера, со многубројни кафулиња и уште поголем број велосипедисти.
Голем поздрав од преубавиот Москон центар,
Марјан Ташевски

Клучни зборови: