Рубрика: Информатика
25-години успешна приказна на Неоком
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 03.06.2015 - 20:56

Компанијата “Неоком“ со пригоден настан ja одбележа 25-годишнина од своето постоење на домашниот ИКТ пазар. Во овој четврт век од своето постоење “Неоком” успеа да прерасне од мала компанија, со 20-тина вработени, во групација на компании која ги опфаќа сите аспекти во индустријата од ИКТ.
Во своето поздравно обраќање Владислав Попов, генералниот директор истакна дека Неоком е една од ретките компании кои работат во Македонија веќе полни 25 години со 100% македонски капитал. Таа е редок пример дека може да се успее и без надворешни инвестиции и капитал. Меѓутоа, за да се постигне тоа, потребна е јасна визија, долгогодишна стратегија за развој на компанијата и поставување на амбициозни, но сепак остварливи цели, како и посветеност кон работата и истрајност.
Тој рече: “Посебна гордост ни претставува брзото и успешно етаблирање на домашниот ИКТ пазар, каде за кратко време се позициониравме како една од водечките ИКТ компании. Севкупната ориентација кон потребите на корисниците, постојаните иновации и инвестиции, како во професионалниот така и во личниот развој на вработените, нè направија не само постабилна туку и успешна компанија“.
Портфолиото на групацијата “Неоком“ опфаќа широка палета на услуги какви што се системска интеграција, телекомуникациски услуги од “Неотел“, дистрибуција на ИКТ опрема преку “Рема“, развој на софтверски решенија од “НеоДата“, а од неодамна и клауд компјутинг услугите на “НеоКлоуд“. Покрај овие големи проекти и инвестиции на македонскиот пазар, целта на компанијата е постојано да расте и да се развива во сите домени на ИКТ индустријата.
– Планираме да го надополниме асортиманот на понудата со конкретни апликативни решенија. Меѓутоа, нема да застанеме тука, бидејќи планираме да направиме реинженеринг и да развиеме нови решенија кои ќе бидат во тренд со потребите на клиентите – во своето обраќање кажа Даме Цветковски, менаџер за продажба и системска интеграција. Тој доде дека “Неоком“ останува посветен на креирањето на висококвалитетни производи и услуги за своите корисници, нудејќи им целосно интегрирани системски решенија, како на домашниот така и на странските пазари.
“Неоком“ како компанија е препознатлива и преку големиот број сертификации и акредитации на својот стручен тим по највисоки стандарди на најголемите светски производители во ИКТ, како и по највисоките нивоа на партнерство со „ХП“ (Платинум партнер), “Мајкрософт“ (Голд партнер), „ВМвеар“ (Професионал ентерприс) и други. Целта е крајните корисници да добијат беспрекорен сервис и поддршка за зголемување на нивниот профит во основната дејност во која работат компаниите. Искуството на успешната соработка со Неоком со присутните на настанот го споделија токму претставници од споменатите долгогодишните бизнис- партнери на Неком: Франц Шерц од HP, Саша Иванко од Eaton, Џани Каренци од Epson, Стефан Плавјански од Мајкрософт, Ли Шуангју од ZTE. А покрај ова своето задоволство од соработката го споделија и претставници на дел од клиентите на Неоком, меѓу кои: Наташа Несторовска од Стопанска Банка - Битола, Боро Јакимовски од ФИНКИ - Скопје, Анка Јонеску од Европската банка за реконструкција и развој.
Идни цели кон кои се стреми компанијата се способноста за приспособување кон пазарните услови и развојот во сите домени на ИКТ индустријата.
– Нашите планови се постојано инвестирање во сè што е ново и актуелно во индустријата. Ќе го вложиме својот максимум да ја зголемиме вредноста на компанијата како основен интерес на акционерите, но најмногу од сè, ќе вложиме во отворање на нови работни места и освојување на што е можно повеќе знаење – завршува Попов.

Клучни зборови: